• петок, 22 ноември 2024

До 21 април продолжен рокот за аплицирање за наградата „Жан Моне“

До 21 април продолжен рокот за аплицирање за наградата „Жан Моне“
Скопје, 14 април 2021 (МИА) – Делегацијата на Европската унија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) информираат дека рокот за аплицирање за наградата „Жан Моне“ е продолжен до 21 април. Наградата се доделува во три категории – најдобра новинарска сторија, најдобра репортерска фотографија и најдобра аматерска фотографија. Во категоријата за најдобра новинарска сторија може да учествуваат новинари од земјава чии стории се однесуваат на темата „Солидарност на Европската унија за време на пандемија-очекувања и можности“. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија, телевизии, радио или веб страници во периодот меѓу 1 јануари и 31 декември 2020 година. Наградата за најдобра новинарска сторија се состои од статуетка, диплома и ваучер од 1.000 евра. За најдобра репортерска фотографија може да аплицираат сите професионални фоторепортери и фотографи кои имаат до три фотографии на истата тема објавени во истиот период од 1 јануари до 31 декември. За нив, наградата е статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра. Во категоријата за најдобра аматерска фотографија може да конкурираат сите фотографи аматери кои треба да доставатат една фотографија на тема „Заедницата – тоа сме ние“. Фотографиите кои се натпреваруваат може, но и не мора, да биле претходно објавени. Наградените ќе добијат диплома и ваучер во вредност од 500 евра. Изборот на најдобрите стории и фотографии го прави петчлена комисија. Свеченото доделување на наградите е на 28 април годинава. бак/сп/

Остани поврзан