• петок, 22 ноември 2024

Дојче веле ги пренесува анализите на германските медиуми за хрватските избори: Составување влада - Невозможна мисија

Дојче веле ги пренесува анализите на германските медиуми за хрватските избори: Составување влада - Невозможна мисија

Бон, 19 април 2024 (МИА) - Формирањето влада во Хрватска ќе биде тешко, а не се исклучува можноста за нови избори. Тоа е оценката на повеќето медиуми кои на германски јазик известуваат за Хрватска по изборите, пренесува Дојче веле.

Конзервативниот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го опишува исходот од изборите во Хрватска и победата на ХДЗ како „Победа во центарот“ за која е заслужен премиерот и претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ и неговиот „политички талент и истрајност“. Но, и авторот на написот Мајкл Мартенс посочува дека ХДЗ и покрај победата ќе има големи проблеми со формирање влада.

Се наведува дека Андреј Пленковиќ од кога е на чело на партијата ја „водел некогашната националистичка ХДЗ на граѓанско-конзервативниот пат“ и дека сака „да се огради од десницата“. Флертувањето со десницата според него е вода за воденицата на левицата и слабеење на политичкиот центар“, се наведува во текстот.

„Нему не му е туѓ популизмот, но никогаш не кажува нешто денес што е сосема спротивно од она што го кажа вчера“, пишува весникот од Франкфурт и истовремено укажува на репутацијата што ја ужива Пленковиќ во Европската Унија како доверлив партнер. За претседателот на ХДЗ, како што се наведува понатаму, коалицијата со „Хрватските зелени“, партијата „Можеме“, не би била невозможна - но „Можеме“, кои инсистираат на строго отфрлање на соработката со ХДЗ, ја исклучува таквата можност.

Во посебна статија, која се фокусира на анализата на изборите, авторот ја пофали високата излезност, оценувајќи ја како успех на хрватската демократија. Голема заслуга за тоа има претседателот Зоран Милановиќ, кој со своите вербални напади „привлече големо внимание и влијаеше на мобилизацијата на гласачите во време на зголемена тиктокизација“.

Сепак, се оценува дека големата излезност не донесе чисти односи по изборите. „Големото прашање за следниот период е дали воопшто е можно да се направи коалиција која ќе има мнозинство или барем да се создаде некаков функционален модел за малцинска влада.

Дописникот на лево-либералниот дневен весник Тагесцајтунг од Хрватска, Ерих Ратфелдер, својата анализа за изборите во Хрватска ја наслови „Чума или колера“, со што ги посочи двете опции кои се борат за власт во Хрватска. Истовремено, авторот не ги опишува ниту Пленковиќ, ниту Милановиќ како демократски фигури. Според новинарот, Милановиќ со своите симпатии кон Орбан и Путин, како и со политиката кон Босна и Херцеговина, зачекори „јасно во насока на десницата“. Од друга страна, Пленковиќ, и покрај неговата прозападна политика, е обвинет за се посилни елементи на автократски начин на владеење.

Минхенскиот весник „Зидојче цајтунг“ исто така ги сведува изборите во Хрватска на натпреварувачки однос меѓу двајцата политичари и го насловува својот напис: „Битката на алфа мажите продолжува“.

Се однесува на Милановиќ како „Хрватскиот Трамп“ и на Пленковиќ, кој за време на неговиот мандат мораше да отпушти 30 министри - главно поради корупција. Овој германски весник, исто така, заклучува дека формирањето на владата може да потрае „недели, па дури и месеци“, а, додава, не се исклучени ниту нови избори.

„Велт“ ја анализира изборната ноќ и „непријатноста“ што премиерот и претседателот на ХДЗ ја шират во првиот говор, иако неговата партија „и покрај бројните корупциски скандали“ излезе како победник. „Неговата вкочанета насмевка ја открива фингираната самодоверба со која Пленковиќ се претставува како изборен победник“, пишува конзервативниот Велт.

„Цената што можеше да ја побара „Татковинското движење“ за влез во владата е промена на премиерот. Веќе има можен наследник - или барем така гледа дел од печатот: министерот за одбрана на ХДЗ Иван Анушиќ од Славонија. Како член на десното крило на партијата, тој би бил прифатлив за Татковинското движење, а Пленковиќ наместо тоа би можел да биде „унапреден“ на висока позиција во ЕУ во Брисел“, заклучува германскиот весник.

Швајцарскиот дневен весник Ное Цирхер Цајтунг во насловот на текстот за изборите во Хрватска веќе заклучува дека нападот врз конзервативниот табор е неуспешен: „Доминантната позиција на конзервативните сили во Хрватска засега останува недопирлива“. Укажуваат на многу тешката почетна позиција на оние кои сакаат да формираат влада во Хрватска и исто така не ја исклучува можноста за повторување на изборите.

И виенски Стандард ги опишува изборите во Хрватска како „борба меѓу два титани“ и укажува на големи проблеми за формирање мнозинство во парламентот. Во написот, коалицијата на ХДЗ со Татковинското движење (кое е опишано како „расистичко антисрпско“) се оценува како неповолна за Пленковиќ поради зајакнувањето на десницата во партијата. ссм/зш/

фото: архива

Остани поврзан