Дојранските туристички можности ќе се презентираат на саем во Белград
- Општина Дојран ги повика сите физички и правни лица, што се занимаваат со туризам, во најскоро време да достават до општината промотивен материјал што ќе биде презентиран пред посетителите на

Гевгелија, 21 февруари 2022 (МИА) - Општина Дојран ги повика сите физички и правни лица, што се занимаваат со туризам, во најскоро време да достават до општината промотивен материјал што ќе биде презентиран пред посетителите на Меѓународниот туристички саем во главниот град на Србија - Белград, од 24 до 27 март.
На најпрестижниот туристички саем на Балканот, на Дојранскиот штанд во Белград ќе бидат изложени флаери од приватни и комерцијални угостителски објекти,проспекти со нивните сместувачки капацитети, како и висококвалитетните домашни преработки карактеристични за овој регион кој привлекува се повеќе туристи од балканските земји меѓу кои најбројни се оние кои доаѓаат од Србија.
Во текот на саемските денови во Белград, каде општина Дојран ќе учествува во соработка со Агенцијата за развој на туризмот, планирано е да се одржи традиционална дојранска вечер на која ќе бидат понудени познатите специјалитети од крап, икра, риба на трска, маслинки и слатко од смокви,потврди дојранскиот градоначалник Анго Ангов. им/цр