• недела, 22 декември 2024

Донирани книги и стручна литература за училиштата по македонски јазик во странство

Донирани книги и стручна литература за училиштата по македонски јазик во странство

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од 3000 книги и стручна литература како донација за  училиштата по македонски јазик во странство биле донесени денеска во Агенцијата за иселеништво од  Татјана Гогоска.

Агенцијата информира дека донацијата била дадена во име на нејзината почината мајка,  Ленка Гогоска, која имала професионална кариера како одделенски наставник, самостоен педагошки советник и професор по дидактика и педагогија.

Татјана Гогоска на претходно остварена средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, информирала дека нејзината мајка  создала  богата литература чии примероци сакала да ги донира на училиштата, здруженијата и други организирани форми кои дејствуваат во насока на чување и негување на македонскиот јазик во иселеништво.

-Директорот Близнаковски за овој хуман подвиг на г-ѓа Татјана Гогоска и врачи  благодарница, а за нејзината мајка, м-р Ленка Гогоска, постхумно додели плакета за донација на македонска литература наменета за иселеништво, соопшти Агенцијата за иселеништво. 

Агенцијата ги информирала иселеничките организации и училиштата по македонски јазик за донацијата и, како што соопшти, тие покажале голем интерес овој вид стручна литература да го збогати нивниот библиотечен фонд, како и да им биде од полза на наставниците кои ја водат наставата по македонски јазик во странство. хс/нд/

Фото: Агенција за иселеништво

Остани поврзан