• петок, 20 декември 2024

ДОМ ја промовира предизборната програма 2024-2028

ДОМ ја промовира предизборната програма 2024-2028

Скопје, 17 декември 2023 (МИА) - Заштитата на животната средина и на климата, човековите права, борбата против корупцијата и владеењето на правото, подобрување на образовниот и здравствениот систем, праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, се дел од приоритетните области коишто ги содржи предизборната програма 2024-2028 на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), која денеска беше промовирана во Скопје. 

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ во изјава за МИА нагласи дека во предизборната програма опфатени се сите области и потекнуваат од Комисиите и од членовите на партијата. Во нејзината изработка биле вклучени и граѓански здруженија и експерти од различни области, како и предлози од граѓани, а ја имале и поддршката од зелените сестрински партии од Данска, Шведска и од Холандија.

-Она што се наши приоритети е заштитата на животната средина и на климата, човековите права, борбата против корупција и владеење на правото. Во програмата нудиме и предлози како да се подобри и образовниот и здравствениот систем, како да ги направиме навистина нашите градови зелени и за младинските политики и што е најважно за младите да бидат активно вклучени во политика и тие да бидат носители на одлуките кои сакаат да се спроведат во државата за да ги мотивираме за да останат во земјава и да не заминуваат. Сето она за кое се залагаме влијае на одлуките на младите луѓе дали ќе останат или ќе ја напуштат државата. Не е само економскиот аспект, туку многу значајно ни е дали воздухот ни е загаден или не. Многу ни е значајно дали во државата владее правото и неселективна правда. Значајно ни е како се справуваме со корупцијата. Образовниот систем е приоритет за младите луѓе, рече Морачанин. 

Како што потенцира Морачанин, нивен приоритет е и праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија.

-Тоа е наша тема која е важна не само заради заштитата на животната средина и климата, туку и заради економската благосостојба, економскиот развој на државата. Ние инсистираме на развој на енергетската демократија. Што значи тоа? Значи дека не само големите бизнис компании кои во изминатиот период интензивно поставуваат фотонапонски централи, ние сакаме енергијата од Сонцето директно бенефит од неа да искористат граѓаните. Да овозможиме и формирање на тие енергетски задруги за секое домаќинство практично да може да ја користи сончевата енергија со што ќе има бенефити за животната средина и климата, но и економски бенефит за буџетот на домаќинствата преку помали сметки за струја. Во тој контекст се и нашите заложби за енергетска ефикасност, рече таа.

Морачанин нагласи дека мора да се инвестира повеќе во замената на нееколошките со еколошки начини на загревање на објектите, на домаќинствата, на институциите. Потенцира дека потребно е повеќе средства да се издвојуваат за замена на старите прозорци и врати со нови кои се енергетски ефикасни и на тој начин, како што рече, ќе бидат пониски сметките за струја.

Таа истакна дека во програмата на партијата се опфатени и младите, посочувајќи дека нивните клучни барање се ужувањето на своите права, дишењето чист воздух, можностите за квалитетно образование и достоинствени и добро платени работни места.

-За младите не е важно само образованието, здравството, животната средина или само економија. Младите сакаат овие реформи за кои зборуваме долго време во државата навистина да се спроведат и да живеат во една демократско општество каде секој ги ужива своите права, каде дишеме чист воздух, каде имаат можност за квалитетно образование и достоинствени и добро платени работни места. Тоа се клучните барања од страна на младите кои  влијаат на нивната одлука дали ќе останат или ќе ја напуштат државата. Некои ја напуштаат државата заради подобро образование. Бара сериозни реформи нашиот образовен систем, рече таа.

Морачанин нагласи дека некои млади ја напуштаат државата заради подобро платени работни места, но, како што рече, други ја напуштаат заради тоа што едноставно не сакаат да живеат во држава каде има изразена корупција, каде не секој има подеднакви можности. Доколку навистина сакаме да ги задржиме младите во државата, како што потенцира Морачанин, мора сериозно да се работи на реформите во сите области од општествениот живот. фф/вг/

Фото: МИА/Фејсбук на Маја Морачанин

Остани поврзан