• понеделник, 23 декември 2024

Доктор Дре доби судска битка против доскорешната сопруга

Доктор Дре доби судска битка против доскорешната сопруга
Лос Анџелес, 2 октомври 2020 (МИА) - Американскиот рапер Доктор Дре ја доби судската битка против поранешната сопруга, во која таа бараше 1,5 милиони долари за лична заштита и телохранители. Судот го одби и барањето на Никол Јанг да добие пет милиони долари за адвокатски трошоци. Адвокатите буквално до вчера настојуваа нивната клиентка да ги добие тие 1,5 милиони долари поради смртните закани што таа, наводно, ги добивала од нејзиниот сопруг. Одбивајќи го барањето за лична заштита, судијата изјави дека имал многу поочигледни случаи на семејно насилство и ѝ препорача да побара налог за физичко растојание, односно, Доктор Дре да не ѝ се доближува. Според раперот, овие барања се израз на „личност заслепена од омраза, поттикната и водена од алчни адвокати“. Тој рече и дека правниците веќе добиле пет милиони долари. Рап-ѕвездата Андре Јанг (55) и Никол ја отпочнаа постапката за развод во јуни годинава. Беа во брак 24 години. Заедно имаат две деца: синот Трус и ќерката Трули. Доктор Дре има и четири други деца од претходните врски. Неговиот син Андре Јанг Помладиот загина 2008 година во сообраќајна несреќа, на само 20 години. си/паг/

Остани поврзан