• понеделник, 23 декември 2024

Доделени наградите на „Изборот за најпосакуван автомобил во Македонија - Златно тркало“

Доделени наградите на „Изборот за најпосакуван автомобил во Македонија - Златно тркало“

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Доделени се наградите од четвртото издание на „Изборот за најпосакуван автомобил во Македонија - Златно тркало“. Победниците беа објавени на 3 април, а вчера вечер официјално беа доделени признанијата.

Главната награда „Најпосакуван автомобил во Македонија“ за 2023 година ја понесе - Peugeot 408, кој освои 30,62 проценти од гласовите. Плакетата ја предаде претседателот на Златно тркало и главен и одговорен уредник на Авто Плус, Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Ивана Манчева Михајловска, заменик на извршниот директор и маркетинг директор во Еуроимпекс.

Во категоријата Најпосакуван семеен автомобил со 30,49 проценти од гласовите е избран Toyota Corolla Cross, а наградата ја прими Ана Трајковска, маркетинг менаџер во Тојота Ауто Центар.

Во категоријата Најпосакуван премиум автомобил со 35,64 проценти од гласовите е избран Alfa Romeo Tonale, а наградата ја прими Ана Бураку, генерален директор на Аутомобиле СК.

Славче Таневски, дизајнер кој веќе 10 години е дел од главниот тим дизајнери на Мерцедес Бенз,  ја доби плакетата Златно тркало „за особен придонес во промоција на Македониjа во светската автомобилска индустрија“, награда што првпат се воведува годинава.

Златно тркало претставува уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас, преку гласање на целата јавност во земјава која има пристап до интернет и социјалните мрежи. Целиот избор започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата за гласање во февруари годинава. Финалистите беа поделени во три категории и се избираше меѓу осум автомобили. Повеќе од 40 објави на порталите и стотици содржини на социјалните медиуми, над 100.000 прегледи и повеќе од 45.000 следбеници креираа 12.875 гласања на официјалната страница www.zlatnotrkalo.mk, и на тој начин се добија трите победници.

Изборот е инициран од најстариот автомобилски медиум Авто Плус, а во него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат Авто Плус, CARclub, Cars by Vik, RPM и БизнисИнфо.

Кога станува збор за самиот избор, во него членови се медиуми кои исклучиво функционираат на интернет и социјалните мрежи. Тие кон крајот на секоја година ја формираат листата на нови автомобилски модели презентирани на македонскиот пазар во период од една година или од 1 март до 1 март следната година. По првиот филтер, на листата за гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат, поделени во неколку категории.

Гласањето годинава се одвиваше на официјалниот сајт на Златно тркало, каде беа поставени сите модели поделени по категории, а покрај секој модел стојат линковите до членовите на Изборот кои водат до пост, вест или клип за возилото, од медиумот. Гласањето на сајтот www.zlatnotrkalo.mk почна на 15 март и траеше до крајот на месецот и сите имаа можност да дадат глас за својот фаворит во сите три категории. вј/са/

Фото: ИмиџПР

Остани поврзан