• сабота, 23 ноември 2024

Доделени грантови на шест македонски конзорциуми за дуално или кооперативно образование и обука

Доделени грантови на шест македонски конзорциуми за дуално или кооперативно образование и обука

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) – Шест македонски конзорциуми составени од  37 фирми - членки на Стопанската комора, четири стручни училишта и две високо образовни институции од земјава денеска добија грантови во вкупен износ од 2,72 милиони евра, за да го продолжат или да започнат со дуално или кооперативно образование и обука што соодветствува на потребите на компаниите, од Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) во соработка со Германската банка за развој (KfW) и германското Федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ).

Средствата од доделениот грант во рамките на вториот повик ќе бидат искористени за набавка на машини и опрема за реализација на практичната обука на учениците и студентите за образовни и студиски програми за одредени квалификации, како и за изградба и реновирање на работилници и лаборатории за практична обука на учениците, студентите, невработените лица и за обуки на човечкиот капитал.

-Нашата цел е зголемување на вработливоста на младите и продуцирање на кадри со вештини и компетенции што им се потребни на компаниите и им овозможуваат на младите по завршување на средното стручно образование успешно да влезат на пазарот на трудот или доколку сакаат да продолжат во високото образование. Со помош на нашите европски партнери во стручното образование го воведовме и дуалниот модел на стручно образование. Нивните модели на дуално образование не ги пресликавме во целост, туку воведовме  системски елементи кои им се потребни на компаниите од нашата земја. Воведовме дуален модел на стручно образование кој има атрактивен пристап, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на доделувањето на грантовите.

Тој посочи дека во последните години се зголемува процентот на запишани ученици во средното стручно образование и додаде дека во учебната 2020/21 година 64 отсто од вкупниот број на запишаните средношколци се запишале во средното стручно образование, во учебната 2021/22 година 67 проценти и во учебната 2022/23 година 69 проценти.

Нагласи дека дуалното стручно образование почна во учебната 2017/18 година, а зголемен интензитет има од 2020/21 година и додаде дека сега повеќе од 500 компании се вклучени во овој вид на образование.

Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев посочи дека Комората уште во 2007 година побарала од Владата да се изврши темелна  реформа на образовниот систем во државата, особено во делот на средното образование бидејќи земјава нема квалификувана работна сила.

-И денеска 36 отсто од населението  не е вклучено во пазарот на работната сила, а 80 отсто од нив воопшто немаат квалификации соодветни на пазарот на работната сила, рече Пешев.

Во првите неколку години, додаде, беше неопходно да ги отстраниме стигмите и ограничувањата во главите  на луѓето. Првата беше дека семејствата не сакаа да ги пратат децата во средно стручно образование, втората дека програмите треба да се менуваат многу динамично за ваквото образование да биде атрактивно, третата дека многу малку се вложуваше во опремата во средните училишта и не може да се спроведе.

-Требаше да се прекршат многу проблеми за да дојдеме до оваа фаза во која имаме видливи резултати. Со поддршка од наши пријатели од Германија и Швајцарија успеавме да створиме услови и да го промениме менталниот склоп во нашата држава. Денеска се ближиме близу до таргетираниот износ од 70 отсто на деца запишани во средното стручно образование, рече Пешев. 

Порача дека Комората и понатаму ќе биде партнер се додека овој систем не заживее во потполност и се додека во државата не стане проблематично запишувањето во гимназија, а не во средно стручно образование. 

Заменик германскиот амбасадор Ото Граф порача дека индустриското производство нема да биде возможно  без добро едуцирана работна сила.

-Токму тоа беше стартната точка за програмата за дуално образование овде во Северна Македонија, бидејќи на земјата и е потребна таква сила за да се развива, рече Граф. 

Директорот на Канцеларијата на Германската банка за развој (КфВ) во Северна Македонија и Косово, Мориц Реме посочи од вкупно доделените грантови на 27 –те проекти од шесте земји од Западен Балкан шест се од земјава што, нагласи, е извонреден успех кој покажува голема заинтересираност и потреба.

Тој ги повика оние кои не добиле грант во рамките на вториот повик повторно да аплицираат на некои  од наредните повици.

Татјана Штерјова Душковска, генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, кој беше иницијатори и главниот партнер во спроведувањето на повој проект, истакна дека во процесот на дуално образование сите шест економии во Западен Балкан стигнаа во некој различен стадиум на развој на системот.

–Клучна улога во развојот на тој процес имаат стопанските комори од регионот кои беа активни долго пред да биде основан РЦФ и пред ние да се вклучиме во овој проект. Иницијативата од германската влада дојде во вистинско време кога веќе се разговараше за потребното менување на легислативната рамка за да може да се воведе дуално образование во секоја од шесте држави во различни форми и модалитети согласно потребите на пазарот на трудот во различните држави и веќе се работеше на менувањето на менталитетот и поддигнувањето на свеста на родителите, но и на компаниите за да инвестираат во децата уште во првите денови од нивното средно образование, рече Штерјова Душковска.

Во шесте земји од Западен Балкан доделени се грантови во вкупна сума од 12,1 милиони евра за 27 проекти. Од вкупно 37 апликаци од нашата земја избрани се шест проекти.

Грант добија конзорциумот предводен од Техничкото средно училиште од Гостивар во кој се и компаниите Фриготехника, МН инженеринг и Леар корпорејшн Македонија, конзорциумот од СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија со компаниите Контихидропласт, Фурниметал, Глобал логистик, Гевгелија мотор, АМД Гевгелија, Дием, Дием дом, Трио консалтинг, Негорски бањи и Боко Бородел, СОУ „Гоце Делчев“ Валандово со компаниите Дојран стил, Дим комерц, МТ страјш, Кортенија, Пего агрифуд, Глобал трејд, Еко оранжерија Анска Река, Перси комерц и Тера мегдан, СЕТУГС „Михајло Пупин“ Скопје со компаниите Либертис, Раде Кончар контрактори и релеи и Макстил, Машински факултет Скопје со компаниите Актив сервис Македонија, Мертинг, Торакс, Лавинитиком, Ламинати ком, Актива, Ролопласт, Вангел Македонија, ТТ плас и Вемак стил, Институтот за текстилно инженерство при Факултетот за технологија и металургија Скопје со компаниите Текстил солушн, Мотив плус и Аретекс ЛТК. вј/лв/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан