• петок, 22 ноември 2024

Договор меѓу Техеран и Багдад за разместување на иранско-курдски дисидентски групи од северен Ирак

Договор меѓу Техеран и Багдад за разместување на иранско-курдски дисидентски групи од северен Ирак

Багдад, 28 август 2023 (МИА) - Иран и Ирак постигнаа договор за разоружување на курдските дисидентски групи од Иран, стационирани во северен Ирак, и префрлање на нивните членови од базите во кои во моментов се наоѓаат, соопштија  денеска претставници на двете земји.

Насер Канани, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, изјави на брифинг дека ирачката Влада се согласила „до 19 септември да ги разоружа вооружените терористички групи стационирани на територијата на Ирак, а потоа да ги префрли од нивните бази во кампови одредени од ирачката Влада“.

Канани додаде дека рокот нема да биде продолжен и дека односите меѓу двете земји се „целосно пријателски и топли“, но дека „присуството на терористи во северен Ирак создава непријатна дамка во меѓусебните односи“.

Владата во Техеран повремено почнуваше напади врз членови на Демократската партија на Курдистан во Иран и другите ирански курдски дисидентски групи, чие седиште е во полуавтономниот курдски регион во Ирак, во близина на границата со Иран.

Претставник на ирачката Влада, кој сакаше да остане анонимен бидејќи не бил овластен да зборува со медиумите, потврди дека е потпишан договор меѓу двете земји и додаде дека владата во Багдад „што е можно побрзо“ работи на преместување на спорните групи од нивните моментални локации, со одобрување на курдските регионални влади во Ирбил и Сулејманија.

Тој одби да ја прецизира точната локација на која ќе бидат префрлени разоружените членови на овие групи, но рече дека тоа ќе биде во рамките на ирачкиот курдски регион.

Изворот потенцираше дека „курдските дисиденти ќе имаат камп за живеење и во него ќе бидат без оружје“. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан