• понеделник, 23 декември 2024

ДКСК ги отфрла наодите изнесени од директорот на Агенцијата за филм

ДКСК ги отфрла наодите изнесени од директорот на Агенцијата за филм

Скопје, 21 ноември 2023

ДКСК целосно ги отфрла наодите изнесени во јавноста од страна на Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм. Потсетуваме дека согласно законот работа на ДКСК е да го анализира и проверува работењето на јавните функционери и трошењето на средствата од буџетот. Тргнувајќи од тоа, а во интерес на точно и правилно информирање на јавноста сакаме уште еднаш да ја потенцираме фактичката состојба поврзана со овој случај:

· Наодите за работењето на Агенцијата се однесуваат на периодот кога Бојан Лазаревски бил одговорно лице, имајќи предвид дека од 15.12.2020 до 14.02.2021 година е вд директор, а од 15.02.2021 година е директор на Агенцијата.

· По барање на ДКСК, ДЗР изврши финансиска ревизија на Агенцијата за филм за 2021 година, период кога Бојан Лазаревски е одговорно лице.

· ДКСК постапи согласно член 17 точка 8 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, и покрена иницијативи пред надлежните органи врз основа на извештај на Државниот завод за ревизија.

· Бојан Лазаревски не ја достави потребната документација по Барање на ДКСК и по две ургенции, за што плати казна за сторен прекршок.

Горе наведените постапки утврдија дека станува збор за одговорно лице на државна институција, кое не ги почитува законските одредби, ниту од Законот за спречување корупција и судир на интереси ниту од Законот за филмска дејност. Лицето Бојан Лазаревски оди на Кански фестивал во придружба на сопругата каде што изнајмил и рента кар, а ја троши службената картичка за репрезентација. Тоа се службени средства чија цел е покривање на трошоци за исполнување на целите на институцијата која ја претставува, а не за приватни потреби. Понатаму, утврдено е дека службеното возило го чува надвор од кругот на Агенцијата, вработува лица по договор за дело за кои нема евиденција дали се појавиле на работа ниту извештај за завршената работа, влијае субјективно на доделувањето средства на филмските проекти, исплаќа средства на Друштвото на филмски работници без законски основ. За ова лица со свои наоди се изјасниле и други државни институции.

Сите овие наоди се утврдени и докажани, а дополнително потврдени од неколку државни институции. Оттука, ние разбираме дека во отсуство на аргументи најлесно е да се напаѓа ДКСК, но ние и понатаму ќе продолжиме да ја работиме работата за која сме избрани, транспарентно и на најдобар можен начин и ќе се залагаме сите наши наоди да бидат соодветно процесурани во понатамошна постапка. 

Државна комисија за спречување на корупцијата

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан