Дискусија за улогата на Западен Балкан во современите меѓународни односи, со шпанскиот професор Хесус Нието Гонзалес
- Професорот Нието Гонзалес е доктор по историја на политичките односи и дипломиран по филозофија и книжевност од Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид (1974). Иако поголемиот дел од неговата кариера била посветена на средното образование во Шпанија, САД и Обединетото Кралство, уште од 1990-тите години тој активно развива паралелна академска и истражувачка дејност насочена кон меѓународните односи и историјата на Балканот. Неговото докторско истражување се фокусирало на македонското национално прашање во Втората светска војна и граѓанската војна во Грција, преку споредбена анализа на шпанската и грчката граѓанска војна како клучни настани за разбирање на Европа од XX век.
Скопје, 27 октомври 2025 (МИА) – Сесија за размена на политики посветена на улогата на Западен Балкан во современите меѓународни односи и шпанската перспектива за регионот, со шпанскиот професор Хесус Нието Гонзалес, ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Институтот ПРЕСПА, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје.
Воведно обраќање, како што е најавено, ќе има амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, а главен говорник ќе биде проф. д-р Хесус Нието Гонзалес, почесен професор на Универзитетот „Автонома“ во Мадрид (UAM), автор на книгата „Балканот во современата меѓународна политика“ и водечки шпански експерт за Балканот.
Настанот, како што е најавено, треба да ги обедини дипломатите, носителите на политики, претставниците на тинк-тенковите и академската заедница во една динамична и отворена размена за политичкиот пејзаж на Европа и местото на Балканот во него.
Професорот Нието Гонзалес е доктор по историја на политичките односи и дипломиран по филозофија и книжевност од Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид (1974). Иако поголемиот дел од неговата кариера била посветена на средното образование во Шпанија, САД и Обединетото Кралство, уште од 1990-тите години тој активно развива паралелна академска и истражувачка дејност насочена кон меѓународните односи и историјата на Балканот. Неговото докторско истражување се фокусирало на македонското национално прашање во Втората светска војна и граѓанската војна во Грција, преку споредбена анализа на шпанската и грчката граѓанска војна како клучни настани за разбирање на Европа од XX век.
Оваа сесија е дел од серијалот „Thinking and Working Together“ на Институтот ПРЕСПА, чија цел е да поттикне дијалог, соработка и размена на идеи меѓу носители на политики, дипломати, академици и новинари од Европа и Западен Балкан. аа/мд/
Фото: Постер