Директорот на ЦУК на работна средба со амбасадорката на Холандија во ТПЦ Табановце
- Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Кралството Холандија во Северна Македонија, Озлем Канел, во Транзитниот центар за мигранти во Табановце, општина Куманово.
Куманово, 28 октомври 2025 (МИА) – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Кралството Холандија во Северна Македонија, Озлем Канел, во Транзитниот центар за мигранти во Табановце, општина Куманово.
Средбата, која се одржа по иницијатива на амбасадорката Канел, беше фокусирана на функционалноста на Националниот систем за одговор во комплексни ситуации, особено во контекст на миграциски движења и кризни состојби.
Во разговорите, како што соопштија од ЦУК, беше нагласена важноста на институционалната одговорност, ефикасната комуникација и координација меѓу сите релевантни чинители, со цел обезбедување соодветна грижа за мигрантите и почитување на меѓународните договори и протоколи.
-Ние, како институции, остануваме посветени на исполнување на задачите што произлегуваат од проценетите потреби за одговор, превенција и справување со сите ризици и опасности што можат да го загрозат животот, здравјето и материјалните добра на граѓаните, истакна директорот Али.
Амбасадорката Канел ја потенцираше континуираната поддршка што Холандија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија, како и отвореноста на Амбасадата за понатамошна соработка во сите области, согласно утврдените потреби и приоритети на институциите. бк/вј/
Фото: ЦУК