Директорот на БЈБ, Јанев, во работна посета на Граничниот премин Стар Дојран
- Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска бил во работна посета на Граничниот премин Стар Дојран.
Скопје, 23 јули 2025 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска бил во работна посета на Граничниот премин Стар Дојран.
Како што соопшти МВР, Јанев пренел порака дека „нашата држава се грижи, инвестира и одлучно стои на секој чекор од својата граница“.
-Со отворањето на две нови ленти за гранична контрола пред два месеца, овозможуваме побрз и поефикасен влез и излез за над 35 000 патници неделно, од кои повеќе од 21 000 се странски државјани. Брзината е зголемена, а времето на чекање намалено за половина. Ова не е само логистика – ова е безбедност, гостопримство и државничка грижа на дело. Посебно сум горд што по долга пауза, повторно е воспоставена граничната патрола по Дојранското Езеро. Тоа е доказ дека нема да дозволиме ниту една точка од нашата граница да остане незаштитена – ниту на копно, ниту на вода, потенцирал Јанев.

При посетата, директорот на БЈБ извршил увид во техничката опрема и возила донирани од Сојузната германска полиција и го истакнал значењето на таа поддршка.
-Германските партнери преку опрема, дигитални алатки и заеднички обуки ја зајакнуваат нашата Гранична полиција да биде уште поефикасна во откривање и спречување на прекуграничниот криминал. Ова е патот напред: патриотизам на дело, партнерства во пракса, безбедност за секој граѓанин и бескомпромисна борба против криминалот, подвлекол Јанев.

хс/вг/
Фото: Министерство за внатрешни работи