• недела, 22 декември 2024

Директорот на БЈБ, Јанев во посета на воздухопловната и специјалната единица на словенечката полиција

Директорот на БЈБ, Јанев во посета на воздухопловната и специјалната единица на словенечката полиција

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Македонска делегација предводена од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во рамките на посетата на словенечкото министерство за внатрешни работи, ги посети воздухопловната и специјалната единица на словенечката полиција.

Во рамки на посетата, македонската делегација одблиску се запознала со капацитетот и опремата со која располагаат овие единици, нивната организација и функционалност. Исто така, се разговарало и за потпишување на меморандум за конкретна соработка помеѓу воздухопловните единици на двете министерства, со акцент на обука на наши воздухопловни инструктори и стручна помош за отварање и имплементирање на школата за пилоти во рамки на нашето МВР, а станало збор и за организирање идни заеднички оперативни вежби на двете антитерористички специјални единици.

На крајот на посетата, се вели во соопштението од МВР, биле изведени показни симулациски вежби на неколку разработени сценарија, со учество на хеликоптерската и специјалната единица на словенечката полиција. Македонската и словенечката полиција, стои во соопштението, уште еднаш на дело ја покажаа заложбата за взаемна соработка на сите нивоа и успешно справување со предизвиците кои ги имаат двете земји и регионот во одржување на јавната безбедност и справувањето со сите видови на криминал. аа/мч/

Фото: МВР

Остани поврзан