• сабота, 21 декември 2024

Димитров: Не е во ред македонскиот јазик да биде пречка за нашата европска иднина

Димитров: Не е во ред македонскиот јазик да биде пречка за нашата европска иднина
Скопје, 22 октомври 2020 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров истакна вечерва декa Северна Македонија е посветена на имплеметација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и оти Софија одигра клучна улога во повторно актуелизирање на прашањето за проширување на Европската Унија, но напомена дека досегашниот успех ќе биде ставен во ризик доколку не се најде решение за ќор сокакот, кој настана поради спорот со Бугарија. -Едноставно не е во ред македонскиот јазик да биде пречка за нашата европска иднина, доколку се земе предвид дека ЕУ е заедница, која ги вреднува различностите, истакна Димитров вечерва за „Политико“, пренесува МИА. Во написот на „Политико“ под наслов „Бугарија се заканува  со вето за преговорите со Северна Македонија“, се нагласува дека европските дипломати вчера имаа прва дискусија за преговарачката рамка и оти се уште има шанси да се избегне пропаѓањето на процесот и оти се планирани повеќе разговори. За прв пат вчера темата за преговарачката рамка за Северна Македонија се најде на дневен ред на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, откако неколку недели се пеглаа ставовите на експертско ниво, јави претходно дописничката на МИА од Брисел. -Се уште има простор за дипломатија, изјави еден од дипломатите, кој  учествувал на средбата, посочувајќи на подготвителните состаноци за претстојниот самит во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе ги обедини лидерите од Западен Балкан и Европската Унија во Софија на 10 ноември, истовремено кога се одржува и Советот за општи работи, пишува „Политико“. Дипломатски извори на „Политико“ изјавиле вчера по состанокот дека Бугарија го изнела ставот дека ќе стави вето на официјалниот почеток на преговорите со Северна Македонија, доколку не се земат предвид прашањата за јазикот и историјата. Дипломат, кој учествувал на состанокот, нагласил дека бугарскиот претставник изнел „долг и мошне емоционален говор“ на темата, додава „Политико“.

Дискусијата за проширувањето траела речиси два часа, бугарскиот амбасадор најдолго зборувал, пренесуваат дипломатски извори за МИА. Тој ја изложил бугарската позиција околу усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, нагласувајќи дека Софија го оспорува краткото име на земјата (Бугарија смета дека земјата треба да се нарекува Република Северна Македонија во официјална комуникација, а не Северна Македонија) како и ословувањето на јазикот како македонски, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според дипломатите присутни на денешниот амбасадорски совет во Брисел, ниедна земја членка не ја поддржува позицијата на Софија, бидејќи е вон надлежностите на ЕУ и мора да се реши билатерално. Но, потсетуваат дипломатите, правото на вето во Унијата на овие теми е засега неприкосновено, и Бугарија, доколку одлучи може да го блокира усвојувањето на рамката.

Се очекува поддршката за преговарачката рамка да биде дадена на министерскиот состанок на Советот за општи работи на 10 ноември, но како што наведува „Политико“, постои можност Софија да го попречи овој процес. ац/

Остани поврзан