• петок, 22 ноември 2024

Димитровска: Тече рокот за доставување на бараната документација до ДКСК за патувањето на синот на Мицкоски во Вашингтон

Димитровска: Тече рокот за доставување на бараната документација до ДКСК за патувањето на синот на Мицкоски во Вашингтон

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровски изјави дека по допрен глас оформиле предмет во однос на патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон на Самитот на НАТО и испратиле допис до Генералниот секретаријат на Владата со барање да им биде доставена целокупната документација. 

- ДКСК има надлежност да проверува како се трошат парите од буџетот на државата, односно од даночните обврзници. Оформивме предмет по допрен глас, односно по информации добиени од медиумите во врска со сомневања дека премиерот заедно со член на неговото семејство бил на патувањето кое беше организирано во однос на Самитот во Вашингтон, а е на товар на буџетот на државата. Станува збор за предмет што е во надлежност на постапување на ДКСК, веднаш оформивме предмет, доставивме барање согласно нашите надлежности до Генералниот секретаријат на Владата за да потврдиме дали сите трошоци поврзани со ова патување се платени од буџетот на државата и во која улога, односно функција е присутен членот на семејството, поточно синот, бидејќи  една од нашите надлежности е да утврдиме судир на интереси, рече Димитровска во интервју за ТВ 24.

Таа наведе дека тече рокот на обезбедување на податоците односно Генералниот секретаријат има рок од 15 дена да ја достави целкупната барана документација, во спротивно, посочи, доколку не се достават податоците во законски утврдениот рок, ДКСК има надлежност, да покрене прекршочна постапка.

Димитровска потенцира дека засега немаат политички притисок ниту од која било политичка партија од позиција или од опозиција, и нема да дозволат притисок од која било структура на моќ - политичка, бизнис, медиуми, јавност и дека ќе си го сочуваат интегритетот и ќе работат независно.

Во однос на тоа каква документација е побарана, таа кажа дека е побарана поканата за настанот која ја има добиено МНР, и целокупната финансиска и останатата документција во врска со сите трошоци кои се направени за потребите на овој настан.

-Нашиот пристап е и прецизно да потенцираме кои документи се потребни. Ова не го кажувам за да се правдаме или дискутираме дали ДКСК правилно постапила во барањето и дали остава сомнеж дека нешто сакаме и ние како Комисија да обезбедиме или не, но секогаш постои можност и во текот на испитување на документацијата да се обезбедат дополнителни документи, рече Димитровска.

Прашана дали премиерот може да биде придружуван од синот на вакви патувања, таа посочи дека етичкиот кодекс на сите избрани и именувани лица, што го има донесено Владата, уредува дека на вакви настани организирани од меѓународни институции или на покани е дозволено премиерот да има придружба од партнер, партнерка, односно од брачен другар. 

Димитровска вели дека не гледа пречка премиерот Мицкоски да ги покаже јавно сметките за патувањето на синот, со оглед на неговите тврдења дека тоа не било на товар на буџетот на државата, односно било покриено од свои приватни извори на финансирање.

ДКСК барањето до Генералниот секретаријат на Владата го доставила на 15 јули, а на 30 јули истекува рокот до кога до Комисијата треба да биде доставена целокупната документација за овој предмет. Согласно законската процедура, доколку не им биде доставена документацијата во тој случај ќе достават информација и до МВР, Финансовата полиција и ЈО.  вг/цр

Фото: МИА Архива

Остани поврзан