• недела, 22 декември 2024

Димитровска: Секој од нас има одговорност и моќ да придонесе кон создавање на општество ослободено од корупција

Димитровска: Секој од нас има одговорност и моќ да придонесе кон создавање на општество ослободено од корупција

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Меѓународниот ден за борба против корупцијата не е само ден за подигнување на свеста, туку е и повик за конкретна акција. Тој не потсетува дека заедно имаме моќ да изградиме општество, во кое корупцијата нема место, каде ресурсите се насочени кон доброто на сите граѓани и каде секој има еднаква шанса за напредок. Потребно е да се обединиме и дејствуваме заедно, индивидуално, институционално и на сите нивоа на власт, порача денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.

Таа во своето обраќање на настанот во Собрание, по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата - 5 декември, потенцираше дека секој од нас има одговорност и моќ да придонесе кон создавање на општество ослободено од корупција.

Таа е на ставот дека заеднички можеме да изградиме систем кој ќе се темели на транспарентност, интегритет и отчетност, вредности неопходни за напредок на општеството. Посочи дека од нашата посветеност и дејствување зависи нашата заедничка цел, успешна и одржлива борба против корупцијата.

-Меѓународниот ден за борба против корупција не потсетува на сериозните последици што корупцијата ги носи за општествата ширум светот. Воедно, тој претставува и повик за зајакнување на нашите заеднички напори и посветеност во спречување на нејзиното разорно и подмолно влијание. Очекувам наша проактивност, отчетност и посветеност во борбата против корупцијата, во сите нејзини форми, рече Димитровска.

Како што посочи, организацијата на Обединети нации постојано потсетува дека светот се соочува со некои од неговите најголеми предизвици во многу генерации, предизвици кои ги загрозуваат просперитетот и стабилноста на луѓето ширум светот. Во повеќето од нив, е чумата предизвикана од корупцијата.

-Корупцијата има негативни влијанија врз секој аспект од општеството и е длабоко испреплетена со конфликти и нестабилност, загрозувајќи го општествениот и економскиот развој и поткупувајќи ги демократските институции и владеење на правото. Нашата посветеност и дејствување се клучни за постигнување на нашата заедничка цел, успешна и одржлива борба против корупција, додаде Димитровска.

Таа ја истакна одличната соработка со Државниот завод за ревизија, Јавното обвинителство, Финансиската полиција и сите други клучни институции кои играат значајна улога во борбата против корупција.

-Убедена сум дека оваа соработка не само што ќе продолжи, туку и ќе се продлабочи во иднина со цел заеднички да постигнеме општество ослободено од корупција, засновано на интегритет, транспарентност и отчетност. Борбата против корупција бара обединети сили и уверена сум дека заедно можеме да направиме вистински промени. Меѓународната заедница претставува наш важен партнер во напорите да достигнеме високо ниво на независност, професионализам и дигитализација што ќе биде основа за успех на кој ќе бидеме горди, посочи Димитровска. бт/nd/

Фото: МИА

Остани поврзан