• недела, 22 декември 2024

Димитриеска Кочоска: Секое четиричлено семејство за само една година е задолжено за 2.400 евра плус камати

Димитриеска Кочоска: Секое четиричлено семејство за само една година е задолжено за 2.400 евра плус камати
Скопје, 5 март 2021 Ако во 2016 година претставници на СДСМ велеа ˮНема правда кога јавниот долг вртоглаво расте" денес од оваа говорница ќе им порачам: Нема правда, ВИЕ Македонија ја однесовте во банкрот. Ги прашувам сега: ако нивото на јавниот долг од 48.8% од БДП кумулиран за 10 години владеење и две економски кризи го нарекуваа ГРЧКО СЦЕНАРИО, како го нарекуваат јавниот долг од 60,2% на крајот на 2020 година или од 6,5 милијарди евра, којшто и натаму ќе расте за дополнителни 450 милиони евра во 2021 година? Не е помината ни една година од првото затворање на економијата и прогласување на пандемијата, а Македонија е задолжена за над 1 милијарда и 150 милиони евра нов нето долг. Или едно четиричлено семејство има нов долг само за една година од околу 2,400 евра плус камати. Повторувам 2,400 евра плус камати ќе врати едно четиричлено семејство за една година. Секој може да пресмета и да процени колку доби во изминатава година, а колку ќе треба да враќа. Затоа што треба да ни е јасно на сите дека тој долг е наш, на сите нас, но и на нашите поколенија и сите заедно ќе го враќаме. Министерот за финансии вели дека приходите заклучно со февруари се речиси на исто ниво како и минатата година, дека економијата се стабилизира, дека се иде по планот!!! Министре - исто како и за 2020 година, кога потфрливте со 100 милиони евра приходи од планираната реализација за цела година? Зошто не кажавте колку се приходите од персоналниот данок на доход за овие два месеца, ако знаеме дека само за јануари имаат годишен пад од 6%, што јасно укажува на негативни тенденции на пазарот на труд и на зголемена невработеност. Потоа, не кажавте колку се бруто приходите од ДДВ, коишто во јануари имаат висок пад од - напоменувам 10% во однос на јануари лани. Дали ова покажува дека приватната потрошувачка е уште ниска, дека луѓето имаат помалку пари, но и поголема несигурност да трошат. А како да имаат сигурност да трошат, кога оваа Влада нема абер да ја стабилизира економијата, нема вакцини, нема враќање во некаква нормала. Дека народот е исплашен, дека нема пари, дека нема доверба во оваа Влада за подобро утре покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика за БДП за 2020 година кои беа објавени пред некој ден. Приватната потрошувачка во 2020 година е намалена за 5,6% на годишно ниво, а само во последното тримесечје на годината за 4,3%. Уште повеќе загрижува податокот за бруто инвестициите, кои во 2020 година се намалени за 10,2% во однос на 2019 година, а само во последниот квартал од 2020 година за 13%. Ова јасно покажува дека оваа Влада немаше никакви капитални инвестиции, а приватниот сектор беше значајно погоден од кризата, без изгледи да влезе во инвестиции. Напоменувам, падот на бруто инвестициите во 2020 година е повисок од оној кога го имавме за време на воен конфликт во 2001 година, кога беше 6,1%. И така со, според вас, стабилен буџет и добра наплата на приходите, вие издадовте нова еврообврзница ни помалку ни повеќе туку на 700 милиони евра или креирате нов нето долг сега од 200 милиони евра, и без нималку срам уште се фалите дека каматата била историски најниска. И после толку години власт уште не научивте што влијае и како се формира камата на задолжувањето на меѓународните пазари на капитал. Дека каматата зависи од глобалната ликвидност, од потрагата за принос на инвеститорите, зошто на пазарот има само негативни приноси? Чисто за споредба во минатото и Македонија и Словенија имавме позитивни камати односно плаќавме камати за позајмени средства преку Еврообврзници. Денес, Словенија има негативен принос, односно во превод инвеститорите позајмуваат на Словенија пари и покрај тоа што на крајот знаат дека може да изгубат тие пари, а на нас се уште ни наплаќаат камата која што последниот пат е 1,65% купонската камата, но приносот е повисок. Се пофаливте дека каматата е најниска во регионот. Пак манипулирате. Србија и Хрватска се задолжија пред нас на подолги рокови, а со пониски каматни стапки. И двете земји со позајмените пари ги плаќаат вакцините кои навреме ги договорија и дистрибуираа до населението, а што плаќате? Парите ги користите за 10 кратно поскапи набавки за апарати од пазарна цена??? И тука, дали мислите дека ако ние – како вас во минатото направевме негативна кампања, ќе се задолжевте по таа камата? Господо, Ние не сме како вас, ние не работиме против сопствената држава. Ние не пишуваме писма до инвеститорите и не кодошиме. Уште една лекција ве советувам да ја научите, а тоа е, дека најскапи пари се оние кои ги немате, а Вие, вашата влада ги троши непродуктивно! И за крај, и сите Централни банки од регионот да забранат исплата на дивиденди на нивните банки, а потоа истите банки да ви ги дадат тие пари, Вие ќе ги потрошите без ефект видлив за нашата Македонија. Со оваа влада народе и дупката во која западнавме нема ДНО. Прес-конференција на Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ _______________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

https://www.youtube.com/watch?v=N78j-c8oAGg

Остани поврзан