Димитриеска-Кочоска: Фокусирани сме на реализација на реформите и на напредокот на европскиот пат
- Спроведувањето на реформската агенда е пат без алтернатива, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“ во Брисел.
Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Спроведувањето на реформската агенда е пат без алтернатива, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“ во Брисел.
Говорејќи на панел дискусија посветена на проширувањето на ЕУ, Димитриеска-Кочоска потенцира дека Владата за пет месеци не може да го надомести она што е пропуштено во изминатите седум години, период во кој, како што рече, се вратени многу средства кон ЕУ фондови поради нереализирање на проекти.
-Фокусирани сме на реализација на утврдените задачи. Тука сме не само да кажеме, туку и да покажеме пред европските држави дека сакаме да бидеме дел од ЕУ семејството. Ако земјите од ЕУ се силни и ние сме силни. Малите земји ве следат. Кога сте вие силни не мотивирате нас да работиме повеќе. Бидете силни, работете на соработка и поттикнете ги малите земји да се силни, посочи Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека реформската агенда за реализација на Планот за раст е многу важна и се однесува на значајни реформи во јавната администрација и управување со јавните финансии, дигитална и енергетска транзиција, човечки капитал, деловно опкружување и владеење на правото.
Особен осврт направи на реформите во областа на управувањето со јавните финансии, при што потенцира дека се стремиме да управуваме со јавните финансии на начин што обезбедува ефикасно спроведување на политиките, подобрена финансиска дисциплина, добро управување со фискалните ризици и зајакната фискална одржливост.
За време на престојот во Брисел Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со претставници од Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување, а имаше состанок и со претставници од Европската народна партија ( ЕПП). вј/нд/
Фото: Министерство за финансии