Димитриевски: За еден час, единаесет пожари во Куманово, граѓаните да пријават движења на поединци и групи околу зачадени места
- Територијалната противпожарна единица Куманово денеска, во периодот од 13 до 14 часот, регистрирала вкупно единаесет пожари на различни локации во градот, приградските населби и руралните средини, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Од вкупно пријавените пожари, седум се целосно неутрализирани два се локализирани, додека на два пожара сè уште се интервенира со активни сили на терен.
Куманово, 9 јули 2025 (МИА) - Територијалната противпожарна единица Куманово денеска, во периодот од 13 до 14 часот, регистрирала вкупно единаесет пожари на различни локации во градот, приградските населби и руралните средини, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Од вкупно пријавените пожари, седум се целосно неутрализирани два се локализирани, додека на два пожара сè уште се интервенира со активни сили на терен.
Димитриевски апелираше до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворено, да внимаваат при користење на цигари и отпушоци, како и да не горат стрништа, отпад или друг лесно запалив материјал.
– Ги молам сите граѓани кои ќе детектираат сомнителни движења на поединци или групи во близина на отворени простори, стрништа, висока трева или вегетација, особено во близина на зачадени подрачја, да ги пријават веднаш во МВР на бројот 192, се наведува во апелот.
Екипите на ТППЕ Куманово, како што посочува градоначалникот се активно ангажирани на терен и со професионален пристап ќе продолжат да ја следат и контролираат состојбата со пожарите.
Претходно како што соопштија од ТППЕ Куманово, пожари има во селата Романовце, Табановце, Горно Којнаре, Четирце, во маало „Палестина“. Командирот на ТППЕ, Дејан Илиевски кажа дека се ангажирани скоро сите единици, а се повикуваат и колеги од дома.
Пожари има и во соседната општина Старо Нагоричане каде зафатена е огромна површина. Според информациите на тамошниот заменик-градоначалник, Бобан Цветановски зафатени се ниви, лозја, куќи, викендички. ам/аа/
Фото: МИА