• недела, 12 мај 2024

ДИК и МИА потпишаа Меморандум за соработка, предвидени и обуки за медиуми

ДИК и МИА потпишаа Меморандум за соработка, предвидени и обуки за медиуми

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Државната изборна комисија (ДИК) и Медиумската информативна агенција (МИА) денеска потпишаа Меморадум за соработка со кој меѓу другото во рамки на Школата за агенциско новинарство што ја има МИА предвидени се обуки за сите медиуми кои треба да помогнат за зголемување на свеста и знаењето што го имаат медиумите за изборната проблематика и подобро информирање на јавноста.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски истакна дека Глобалниот ден на изборите денеска го одбележуваат со потпишување на Меморандум со МИА, што, како што кажа, е доказ дека на медиумите им се дава најголемо значење.

- За таа цел планираме да одржиме и обуки со сите медиуми кои ќе помогнат за зголемување на свеста и знаењето кај медиумите за изборната проблематика и подоброто информирање на јавноста. Исто така целта на меморандумот е да се поттикне духот за заедничка поддршка и соработка меѓу ДИК и МИА, рече Даштевски.

Тој потсети дека на овој ден изборните комисии ширум светот организираат тркалезни маси, дебати, работилници, средби со граѓани и слично, со цел да ја истакнат посветеноста на заштитата на правото на глас, како едно од основните човекови права и слободи.

Директорот на МИА Драган Антоновски изрази задоволство дека на овој ден се официјализира една соработка што трае со години.

- Во едно демократско општество за да бидете вистински информирани треба да имате пристап до информации. МИА тоа го прави со дистрибуција на вестите. За да биде тоа професионално направено така како што треба, за да ги имате сите страни, да победиме во она што е најновиот предизвик во нашата професија, а тоа се лажните вести и дезинформации, го потпишуваме овој Меморандум, рече Антоновски.

Меморандумот, истакна Антоновски, има за цел, прво во рамки на Школата за агенциско новинарство која што ја има МИА вклучено заедно со експертите на ДИК, заеднички да се види кои се работите на коишто треба да се посвети внимание, односно на кој начин се пренесуваат вестите за да биде, вели, во интерес на јавноста, а не во интерес на кој било друг.

-Драго ми е што и на овој начин ја продолжуваме соработката со директно учество на луѓето кои се вистински познавачи на оваа проблематика и во функција на транспарентноста и точното проверено информирање она што е мотото на МИА, додаде Антоновски.

Глобалниот ден на изборите веќе 19 години се одбележува секој 6 февруари, како резултат на заложбата која произлегла од Глобалната конференција за избори која се одржала од 15 до 17 септември 2005 година во Будимпешта, Унгарија. нд/ев/

 

Остани поврзан