• недела, 22 декември 2024

ДИЖС во втората половина од 2023 година со 955 инспекциски надзори, 244 прекршочни постапки и две кривични пријави

ДИЖС во втората половина од 2023 година со 955 инспекциски надзори, 244 прекршочни постапки и две кривични пријави

Скопје, 12 март 2024 (МИА) – Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во втората половина на минатата година од планирани 821 инспекциски надзор реализирал 955 или за 11,6 отсто повеќе од планираното при што изготвил 244 решенија за утврдени неправилности и покренал прекршочни постапки против правни и физички лица во износ од над 300 илјади евра, а поднел и две кривични пријави против непознат сторител за загрозување на заштитени видови на дива флора и фауна и узурпација на недвижност во струшкото село Калишта и против правните субјекти „Рецикл еко-старт“ и „Сатус“ од Скопје за оставање на опасен отпад на локација во скопското село Орман.

За кривичната пријава против правните субјекти „Рецикл еко-старт“ и „Сатус“ од Скопје се доставени сите потребни документи до Основното јавно обвинителство, а побарани се и дополнителни кои ќе бидат доставени денеска или утре.

Како што истакна директорот на ДИЖС Сретен Стојковски на денешната презентација на Вториот шестмесечен извештај за работата на Инспекторатот за периодот од јули до декември 2023 година, зголемениот број на инспекциски надзори се должи на 180-те вонредни инспекциски надзори пред се поради надминување на прагот за алармирање заради загадување на воздухот во повеќе општини и барањето на МВР за контрола  на отпадите кои третираат отпадни автомобили и друг отпад.

-Во овој извештен период инспекторите најмногу постапувале по Законот за животна средина, Законот за управување со отпад, Законот за води и останатите закони. Во овој период примени се и 52 претставки од граѓаните од кои само пет се однесувале на ДИЖС, а останатите 47 се однесувале  на овластените инспектори за животна средина и комунални работи. Тие се препратени. Најчесто претставките се однесувале за управување со отпад, палење на отпад и стрништа, бучава во угостителски објекти, непријатна миризба од атмосферски канали и канализација. Доставени ни се и четири претставки за слободен пристап до информации од јавен карактер на кои е целосно одговорено во законскиот рок и нема поднесено жалби за нив до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, рече Стојковски на денешната прес-конференција.

Посочи дека минатата недела започна враќањето на опасниот отпад од Орман на локација во општина Чучер Сандево, односно во компанијата „Рецикл еко-старт“ на која на 25 јануари годинава и  е изменета А интегрираната дозвола со што и е дадена можност да го третира овој опасен отпад во правниот субјект.

-ДИЖС имаше забелешки за издадената измена на А интегрираната дозвола и по нив Управата за животна средина направи измена на изменетата А интегрирана дозвола која се уште не ни е доставена. Со изменетата А интегрирана дозвола „Рецикл еко-старт“ може да прави механичко-физички третман на отпадот кој е лоциран во Орман и друг отпад кој е со иста шифра на  отпад – опсен отпад од згура од преработка на отпадни акумулатори. Овој отпад ќе се складира во рамките на правниот субјект  „Рецикл еко-старт“ каде е направен базен кој е обложен со геомембрана и ќе се третира во инсталацијата за преработка на ваквиот отпад која е веќе направена во правниот субјект, посочи Стојковски и додаде дека целата постапка ќе биде спроведена со средства од „Рецикл еко-старт“.

ДИЖС, додаде, покрена прекршочни постапки за повеќе правни субјекти како што се ТАБ МАК Пробиштип за кого постапката се води на суд исто како и за Дрисла, САНС АГ Штип за загадување на воздухот со опасен отпад, Порцелана студио асфалтна база Скопје.

-Санкционирани се сите фири каде има надминување на граничните вредности за емисии во воздухот или други загадувања. Износот од над 300 илјади евра покажува дека е постапувано за сите загадувачи независно дали се правни или физички лица. Досега е донесена пресуда само за фирмата „Еко ливинг“ од Гостивар кои направија загадување со горење на опасен отпад. Пресудена е казна од само 100 евра иако предвидената казна согласно Законот за управување со отпад е девет до 10 илјади евра, истакна Стојковски.

Прецизира дека заклучно со 31 декември 2023 година во ДИЖС имало вкупно 29 вработени луѓе со што од вкупно систематизираните 53 работни места се пополнети 52,8 отсто, а пополнетоста на работните места за инспектори е 63 отсто, односно од вкупно 38 систематизирани места пополнети се 24 места. Буџетот на ДИЖС за втората половина од 2023 година е реализиран со 53 отсто, а буџетот за 2024 година е намален за 600 илјади денари во однос на 2023 година и не е дозволена предвидената набавка на две теренски возила.

-Во второто полугодие на 2023 година немаше нови вработувања  и унапредувања.  Единствено еден главен водостопански инспектор по негово барање го напушти ДИЖС. Во второто полугодие се реализирани три генерички обуки согласно Годишната програма за генерички обуки преку платформата е-учење на Инспекцискиот совет. Од април годинава ќе започне спроведувањето на дигиталната платформа е-инспектор – електронски систем за инспекциски надзори кој ќе го подобри планирањето и управувањето на ризикот на инспекциските надзори со што ќе имаме подобра ефикасност, транспарентност и одговорност во работата на инспекторите и интероперабилност, рече Стојковски и додаде дека сите инспектори добија електронски потписи со што записниците и решенијата ќе се потпишуваат со електронски потписи.

Порача дека загрижува старосната структура во ДИЖС каде над 55 и над 57 годишна возраст се вкупно 14 инспектори од сите три профили. Од Министерството за финансии, како што кажа, не е прифатен годишниот план за вработување во ДИЖС во 2024 година со кој се предвидуваше вработување на два инспектора и три административни работници. Тој е веќе коригиран од страна на ДИЖС и сега се бара вработување на тројца инспектори од кои двајца за животна средина и еден водостопански и е во фаза на одобрување во Министерството за информатичко општество и администрација. Во февруари годинава, додаде, од ДИЖС замина уште еден водостопански инспектор во реалниот сектор заради поголемата плата што му се нуди. Во постапка е и одобрување за преземање на еден овластен општински инспектор за животна средина за кого може да се добие согласност од Министерството за финансии по завршување на изборните процеси.

До ДИЖС постојат повеќе начини на доставување на претставки, односно преку фејсбук, месинџер, веб пријави на официјалната страница и преку мејловите, како и на службениот мобилен телефон кој е достапен секој работен ден во периодот од 8:30 до 16:30 часот. На веб-страницата на ДИЖС се објавуваат неделните извештаи за работата на сите инспектори за животна средина, како и инспекциските  акти и решенијата што ги носат инспекторите за животна средина. вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан