ДЗР: ФИТР нема воспоставена централизирана база со податоци за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка
- Фондот за иновации и технолошки развој е основан во декември 2013, со цел поттикнување на иновациите, преку обезбедување дополнителни извори за финансирање на иновациите, заради потребата да се изгради конкурентна економија основана на знаење. Со спроведената ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година, Државниот завод за ревизија утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.
Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Со извршената ревизија за 2024 година утврдено е дека ФИТР нема воспоставено механизам за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа на истите. На крајот на известувачкиот период искажува неподмирени обврски во износ од 13.863.000 евра, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Фондот за иновации и технолошки развој е основан во декември 2013, со цел поттикнување на иновациите, преку обезбедување дополнителни извори за финансирање на иновациите, заради потребата да се изгради конкурентна економија основана на знаење. Со спроведената ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година, Државниот завод за ревизија утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.
-Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет (603) и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности (787). Ревизијата утврди слабости во евидентирањето на обврските на ФИТР, при што дел од обврските не се навремено и целосно прикажани во сметководствената евиденција, стои во извештајот.
Иако, додаваат оттаму, на 31 декември 2024, година обврските кон добавувачи во земјата се прикажани во износ од 853.964 илјади денари, односно 13.863.000 евра, со извршениот увид во приложената документација и од спроведените аналитички постапки се утврдени дополнителни неевидентирани обврски по различни основи и тоа - договори за дело, евалуација на проекти, надоместоци за управни тела, во вкупен износ од 9.369 илјади денари, односно 152.094 евра.
-Извршен е попис само на обврските кон корисниците на финансиска поддршка за кои е одобрен квартален/завршен извештај од мониторинг, а не и на вкупно евидентираните обврски кон корисниците, поради што салдото на краткорочни обврски спрема добавувачи утврдено од страна на пописната комисија се разликува од салдото на обврски евидентирани во сметководствената евиденција со состојба на 31.12.2024 година за 488.343 илјади денари. Овие состојби, заедно со отсуството на пракса за потврдување на салдата/ состојбите на крајот на известувачкиот период со доверителите, не се во согласност со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници и влијаат врз реалноста, објективноста и целосноста на финансиските извештаи, како и врз точноста на буџетското планирање за наредниот период, се наведува во документот.
ДЗР наведува дека со ревизијата утврдено е дека Годишната програма за работа на ФИТР за 2024 година, со исклучок на мерките и активностите од Столб 1 – Финансиска поддршка на приватниот сектор, не содржи финансиски показатели за вкупните средства и средствата по одделни мерки, инструменти и активности. Поради тоа што проектите од Столб 1 во најголем дел се реализираат подолго од една година, со Програмата не е дадена реална слика за потребните финансиски средства во 2024 година, ниту е наведено колкав дел од средствата се наменети за тековната година, а колкав за исплата на пренесени обврски од претходни години.
-ФИТР нема воспоставена централизирана база со податоци (софтвер) за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка . Не се преземаат ниту мерки за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа. Во спроведувањето на јавните повици утврдено е дека дел од вработените/ангажирани по договор за дело и членови на УО не секогаш потпишуваат изјави за судир на интереси, а директорот на ФИТР воопшто се нема изјаснето по основ на судир на интереси за јавните повици кои беа предмет на ревизија, нагласува извештајот.
Исто така, ДЗР утврдил дека ненавремено одобрување на квартални/завршни извештаи за спроведени активности, а во периодот од декември 2024 до јуни 2025 не е извршен мониторинг, поради одолговлекување на постапката за јавна набавка на услуги за управување со проекти (мониторинг), што резултира со доцнење на исплатите кон корисниците и застој на реализацијата на проектите од страна на корисниците.
-Врз основа на обезбедените податоци од ФИТР, утврдено е дека со состојба 31.12.2024 ФИТР има неподмирени обврски за одобрени извештаи кон корисниците во вкупен износ од 349.378 илјади денари, додека неисплатениот износ на задржаните средства од вкупниот буџет на проектот со состојба 31.12.2024 изнесува 14.070 илјади денари. Една од причините за неподмирените обврски кон корисниците е измената на буџетот на ФИТР, со која средствата на сметката субвенции и трансфери е намалена за 310.000 илјади денари, односно за 32 отсто, стои во извештајот.
ДЗР наведува дека со одобрена Годишна програма за работа на ФИТР, во текот на 2024 спроведени се три јавни конкурси за следните инструменти: кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт ап и спин оф и кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Согласно Заклучок на Владата од 28.06.2024, со препорака за прекин на сите тековни/активни огласи, УО на ФИТР има донесено Одлука со која се запираат сите активности поврзани со јавните конкурси.
-До одржувањето на завршниот состанок со одговорното лице на ФИТР, ревизијата не доби сознание за препораки или одлуки на УО и на Владата по основ на овие јавни конкурси, што би имало влијание во понатамошното работење на ФИТР. Ревизијата ја обелодени состојбата со сопственичката/управувачка структура на корисниците на финансиска поддршка. Имено, со анализата на портфолиото на финансираните проекти од ФИТР, утврдено е дека исти физички лица се јавуваат како управители и/или сопственици во повеќе правни лица кои добиле средства од ФИТР, често во ист или сличен временски период, се наведува во документот.
Овие лица, посочува ДЗР, преку различни фирми аплицираат и добиваат средства за различни проекти, што создава можност за паралелна реализација на повеќе финансирања во рамки на повици што не го ограничуваат ваквиот модел.
-Иако не постои законска забрана или експлицитно ограничување за едно лице да учествува како управител/сопственик во повеќе апликации, истакнуваме дека добрите практики налагаат еднаква распределба на можности, намалување на концентрацијата на средства кај поврзани лица, обезбедување на ефективна реализација на секој индивидуален проект, а трошоците прифатени за кофинансирање мора да бидат реални, неопходни и директно поврзани со проектот и базирани на пазарни цени и независни трансакции. Со ревизија на актите утврдено е дека единствено кај инструментот за комерцијализација на иновации, постои регулаторна клаузула со која не е дозволено аплицирање доколку апликантот веќе има активен проект. Во моменталната правна рамка не постои обврска финансирањето да биде тематски или секторски ограничено и не постојат критериуми за приоритетно финансирање. Со анализа на портфолиото на корисници на ФИТР утврдено е дека најголем број од проектите кои имаат добиено финансиска поддршка се од областа на информатичката технологија (26,91%) и инженерска технологија (16,36%), стои во извештајот.
Кај инструментот „Комерцијализација на иновации“, ДЗР навеудва дека и покрај договорната обврска за уплата на 5 отсто од годишниот приход на корисникот остварен со продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, ФИТР нема механизам за потврда на висината на приходот од проектот, бидејќи тој често не се евидентира одвоено од страна на корисниците, ниту се уплаќа на посебна сметка.
-Ревизијата препорачува ФИТР да воспостави механизам за следење на ефектите од доделените средства и наплата на приходите по завршување на проектите, со цел ефикасно користење на јавните средства и зголемување на придобивките од проектите. За утврдените состојби, ревизијата даде препораки за надминување на недостатоците и надлежните се задолжени да преземе соодветни мерки за нивна целосна имплементација. Со донесувањето на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво на 29.07.2025 година се формира Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво, како правен наследник на Агенција за претприемништво и Фонд за иновации и технолошки развој, со што престанува да постои Фонд за иновации и технолошки развој, стои во извештајот на ДЗР. нд/вј/
Фото: МИА архива