Дечињата од Бадниковата поворка го најавија Христовото раѓање
- Над 500 деца на возраст од 3 до 18 години годинава учествуваа на Бадниковата поворка што ја организира Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ од Кочани.
Кочани, 6 јануари 2026 (МИА) - Над 500 деца на возраст од 3 до 18 години годинава учествуваа на Бадниковата поворка што ја организира Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ од Кочани.
Подготвувани за празничниот настан близу еден месец, учесниците со празнични песни посветени на раѓањето на Богомладенецот, поминаа од кочанскиот храм, преку централното градско подрачје до Градскиот плоштад, каде што во Општина Кочани беа пречекани од градоначалникот Владко Грозданов.

Кочанските коледарчиња добија од градоначалникот Грозданов симболични подароци, а тој им упати желби за здравје, радост и успеси и на сите православни христијани им го честита големиот празник, Христовото раѓање – Божиќ.
Годинава, градоначалникот Владко Грозданов ја поздрави и за првпат организираната Бадникова поворка во Оризари, а со колачиња ги почести и оризарските дечиња.
Бадниковата поворка прераснува во голема народно-културна и духовна манифестација, посветена на радосното најавување на Христовото раѓање. ис/ев/
ФОТО: МИА и Општина Кочани