• петок, 05 декември 2025

Десетици западни земји повикаа на повторно отворање на медицинскиот коридор од Газа кон Западниот брег

Десетици западни земји повикаа на повторно отворање на медицинскиот коридор од Газа кон Западниот брег

Отава, 23 септември 2025 (МИА) – Десетици западни земји го повикаа Израел да го отвори медицинскиот коридор меѓу Газа и Западниот брег, кој го контролира Израел, нудејќи финансиска помош, медицински персонал и опрема за лекување на пациенти од Газа на Западниот брег.

- Силно го повикуваме Израел да го обнови медицинскиот коридор на окупираниот Западен брег, вклучувајќи го Источен Ерусалим, за да можат да продолжат медицинските евакуации од Газа и пациентите да добијат итна медицинска помош која им е неопходна, се наведува во заедничката изјава објавена од Канада.

Меѓу 24-те земји потписнички на изјавата се Австрија, Белгија, Канада, Франција, Германија, Италија, Европската унија и Полска. САД не се наведени како потписнички.

Изјавата исто така го повикува Израел да ги укине ограничувањата за испорака на лекови и медицинска опрема во Газа. Израел не реагираше веднаш. Во минатото, Израел одбиваше повици за жителите на Газа да добијат медицинска нега на Западниот брег и во Источен Ерусалим, последен пат за време на состанок овој месец меѓу израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар и неговиот дански колега, кога Саар ја наведуваше безбедносната состојба.

Израел досега дозволи евакуација на дел од жителите на Газа во арапски и европски земји за лекување, но Палестинците велат дека тоа не ја заменува пошироката достапност до болници во другите палестински територии.

Хуманитарните организации во август изјавија дека само мал дел од потребната помош, вклучително и лекови, стигнал до луѓето во Газа откако Израел во мај го укина блокадата. Светската здравствена организација во мај изјави дека здравствениот систем во Газа е на работ на колапс. Израел контролира цел пристап до Газа и тврди дека дозволува доволно помош во храна и материјали. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан