• вторник, 11 март 2025

Депортацијата на Евреите од Битола – кобното утро од 11 март 1943 година

Депортацијата на Евреите од Битола – кобното утро од 11 март 1943 година

Битола, 11 март 2025 (МИА) - На денешен ден во 1943 година, во раните утрински часови, од Битола во злогласниот логор Треблинка беа депортирани 3.276 Евреи.

Плачливиот мартовски ден на железничката станица во Битола заврши со уништување на бројни семејства, а според список направен во скопскиот монопол од бугарските власти, во битолскиот транспорт на Евреите имало разни занаетчии, шивачи, бавчанџии, трговци, брашнари, тенекиџии, слаткари, шапкари, интелектуалци, општи работници, свештеници... Урна со пепел на починатите деца, жени и мажи, денеска се чува и сведочи во битолскиот Музеј.

Како што е познато, масовното населување на Евреи во Битола се смета дека почнало  во 1497 година, а било резултат на масовно иселување на Евреите од Пиринејскиот Полуостров, односно со протерувањата од Шпанија, а подоцна и од Португалија. За битолските Евреи со истражувачка посветеност и најмногу на ова поднебје, пишувал професорот по историја, битолчанецот Ѓорги Димовски-Цолев, кој во книгата „Битолските Евреи“ е фокусиран на тогашните две еврејски општини, на храмовите и синагогите, меѓу нив и познатата „Ла Хавра“ што се наоѓала во центарот на градот.

Пријателствата со македонското население во Битола, значеле и споделување на заеднички судбини, но и предизвици па затоа забележливо е учеството на Евреите во Илинденското востание, активностите на ТМРО и вклученоста во антифашистичката борба во 1941 година, во која битолчанката Естреја Овадија Мара е прогласена за народен херој.

Во 7 часот утрото, на 11 март 1943 година, згаснаа огништата на битолските Евреи, но не и споменот за своите сограѓани за кои денеска битолчани чествуваат, се одржуваат комеморации и се полага цвеќе на вечните спомен обележја. мт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан