• петок, 05 декември 2025

Демонстрантите во Ерусалим бараат ослободување на израелските заложници

Демонстрантите во Ерусалим бараат ослободување на израелските заложници

Ерусалим, 3 септември 2025 (МИА) – На повеќе локации во Ерусалим, меѓу кои и резиденцијата на премиерот, пред Кнесетот, пред Националната библиотека и пред домот на министерот за стратешки работи денеска се одржаа протести на кои демонстрантите бараа ослободување на сите 48 израелски граѓани, кои се во заложништво на Хамас.

Демонстрантите во близина на резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху запалија контејнери и гуми, се забарикадираа на кровот на израелската Национална библиотека и го блокираа автопатот 431. Тие пред домот на Рон Дермер истакнаа транспарент – „48 заложници, Дермер 0“, алудирајќи дека министерот откако ја презел функцијата не е ослободен ниту еден израелски заложник.

Лидерот на опозициската партија Има иднина (Јеш Атид), Јаир Лапид го осуди подметнувањето на пожари во Ерусалим, но како што објави на социјалните мрежи, многу повеќе ја осудува „Владата која ги остави заложниците да умрат во Газа“.

Израелската полиција ги осуди инцидентите, при тоа истакнувајќи оти „правото на протест не дава право да се палат имоти, да се нанесуваат економски и здравствени штети на јавноста“.  ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан