• четврток, 25 декември 2025

Делчево ќе добие нова и современа спортска сала

Делчево ќе добие нова и современа спортска сала

Делчево, 25 декември 2025 (МИА) - Општина Делчево ќе добие комплетно нова и современа спортска сала, проект од исклучително значење за развојот на спортот, младите и целокупната локална заедница. Реализацијата на овој значаен проект како што информираше градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски е овозможена со поддршка од Владата како и од Министерството за спорт за што тој изрази искрена благодарност за нивната посветеност и разбирање на потребите на Делчево. За таа цел Гоцевски изврши увид во постоечката спортска сала, која повеќе од 24 години се наоѓа во лоша и недостојна состојба. 

-На терен, заедно со стручните екипи од Министерството за спорт и Општина Делчево, беа разгледани сите релевантни детали, како и информациите и чекорите што следуваат за нејзина целосна реконструкција. Целта на проектот е создавање на функционален, безбеден и модерен спортски објект, кој ќе ги задоволи потребите на учениците, спортистите и спортските клубови од општината, информираше Гоцевски.

Потенцираше дека ова не е само инвестиција во инфраструктура, туку инвестиција во иднината на децата и младите, како и во унапредувањето на спортскиот живот во Делчево.

-Делчево заслужува услови за спорт какви што имаат и другите градови, и чекор по чекор тоа го остваруваме“, беше истакнато, со нагласок дека локалната самоуправа и понатаму ќе продолжи посветено да работи за помодерен и поразвиен град, а Владата уште еднаш ја потврдува својата поддршка како пријател на спортот и младите, додаде градоначалникот.

Во моментот спортските екипи од Делчево за своите натпревари ја користат салата во гимназијата Методи Митевски Брицо, а со помали спортски сали располагаат и двете деветолетки Ванчо Прке и Св.Климент Охридски. Со ставањето во употреба на најавената нова сала истата би ја користеле исклучиво спортските клубови кои моментално општината ја претставуваат во ракомет и кошарка во повеќе конкуренции. вс/вј/ 

Фото: МИА
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан