• петок, 05 декември 2025

Делчево го одбележа Денот на македонската револуционерна борба

Делчево го одбележа Денот на македонската револуционерна борба

Делчево, 23 октомври 2025 (МИА) – Со пригодна свеченост во организација на Општина Делчево, денеска беше одбележан Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

На централната градска локација, пред споменикот на Гоце Делчев, се одржа комеморативен настан на кој учество зедоа претставници од Општина Делчево, јавни институции, политички партии и здруженија на граѓани. Тие положија цвеќе и се поклонија пред ликот и делото на големиот револуционер.

Во рамки на свеченоста, членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево подготвија пригоден реферат посветен на значењето на празникот и револуционерната традиција на македонскиот народ.

Одбележувањето на 23 Октомври претставува потсетник на денот кога во 1893 година, во Солун, била основана Македонската револуционерна организација – симбол на борбата за слобода и самостојност на македонскиот народ. Основоположници на Организацијата биле Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, кои формирале конспиративна група под името Македонски револуционерен комитет.

Формирањето на МРО го означило почетокот на организираното револуционерно движење, кое преку Илинденското востание во 1903 година, а потоа и преку Народноослободителната борба, довело до создавање на современата и самостојна македонска држава.

Празникот 23 Октомври го симболизира континуитетот на вековната македонска борба за слобода, независност и национален идентитет. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан