Делта сојот и официјално потврден во Албанија
- Албанското Министерство за здравство и социјална заштита попладнево и официјално потвди дека во земјата циркулира Делта сојот, јави дописничката на МИА од Тирана.
Тирана, 25 јули 2021(МИА) – Албанското Министерство за здравство и социјална заштита попладнево и официјално потвди дека во земјата циркулира Делта сојот, јави дописничката на МИА од Тирана.
„Следејќи го процесот на состојбата со пандемијата на Ковид-19 од страна на Институтот за јавно здравје, чиј дел е и следење на циркулирачките варијанти, од примероците испратени до Институтот Charite во Берлин, Германија, каде што беше извршена длабинска генетска анализа, потврдено е дека станува збор за варијанта Делта B.1.617.2“, соопшти Министерството.
Потврдата за постоење на варијантата Делта во Албанија се совпаѓа со зголемувањето на инфекциите во последните две недели во земјата.
Медиумите за прв случај на Делта сојот во Албанија јавија на 13 јули, кај иселеник кој пристигнал од Велика Британија. Лицето уште во земјата, во која живее, имало благи симптоми, поради што направило тест пред да замине и еден ден по пристигнувањето во Тирана, англиската лабораторија му испратила одговор дека е позитивно на Делта.
Потоа јавуваа за други случаи, но надлежните наведуваа дека се чекаат резултати од референтната лабораторија во Германија.
Mинистерството апелира граѓаните да се јават веднаш кај нивните матични лекари доколку почувствуваат кој било симптом на опасниот вирус и строго да ги почитуваат мерките за заштита.
Исто така апелира на што поголема масовност за вакцинација во „најблискиот пункт за вакцинација, здравствен дом, центри за масовна вакцинација или со мобилните екипи“, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
„Досега во Албанија се аплицирани 1.134.085 вакцини, додека 496.714 граѓани се ревакцинирани. И денеска, отворената седмица за вакцинација на лица +18 години продолжува во центрите за вакцинација насекаде во државата, до 20 часот, се наведува во соопштението на Министерството. вт/паг/