• петок, 05 декември 2025

Делегација на Левица положи свежо цвеќе на Мечкин Камен

Делегација на Левица положи свежо цвеќе на Мечкин Камен

2 август 2025

Денеска, по повод Илинден, делегација на Левица, предводена од пратеникот и претседател на партијата, проф. д-р Димитар Апасиев, положи свежо цвеќе на Мечкин Камен, заедно со членот на Президиумот, м-р Александар Симонов и раководителката на Црвена младина, Милица Давчева, пишува во денешното соопштение од оваа партија, што МИА во продолжение го објавува целосно.

И во 1903 и во 1944 година, Илинден претставува прекин на поредокот кој го одржуваше угнетувањето, понижувањето и нееднаквоста. Беше удар врз систем кој го држел народот без глас, без моќ и без иднина.

Денес суштината повторно се отвора преку прашањата: Кому му служи оваа држава? Чии интереси брани? Зошто младите бегаат, а постарите молчат? И каде исчезна идејата дека оваа земја може да биде место за слободен и достоинствен живот за сите?

Државата е терен каде што секој ден се судираат интересите на трудот и капиталот, на мнозинството и елитата, на поробениот и угнетувачот. И додека човекот е подреден на профитот, додека политиката е заложник на геополитички диктати, а историјата се прекројува по нарачка - Илинден останува жива обврска, а не завршена страница.

Сѐ додека не изградиме општество во кое човекот ќе биде над капиталот, државата ќе биде алатка на народната волја, а земјата заштитена од распродажба и бришење - Илинден нема да биде минато, туку задача.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

Фото: „Фејсбук“ - страница на ПП Левица

Остани поврзан