• понеделник, 25 ноември 2024

Девет телевизиски програмски сервиси со мониторингот на АВМУ до почетокот на кампањата

Девет телевизиски програмски сервиси со мониторингот на АВМУ до почетокот на кампањата

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Во првиот извештај на Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги (АВМУ) од мониторингот на известувањето на радиодифузерите во периодот од 15 февруари до 7 март годинава не се констатирани прекршувања на Изборниот законик, информираше денеска директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, на првиот јавен состанок за работата на Агенцијата во првиот квартал годинава.

Со распишување на претседателските и парламентарните избори, закажани за 24 април односно 8 мај, стапија во сила одредбите од Изборниот законик и мониторингот. 

Трајчевски истакна дека мониторингот на медиумското известување на радиодифузерите од страна на Агенцијата до почетокот на изборната кампања ќе биде фокусиран на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, а сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка.

По распишувањето на изборите, Агенцијата до сите медиуми испратила потсетување за обврските од Изборниот законик и на својата веб страница поставила банер со сите материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки...

Согласно обврските од Изборниот законик, во овој квартал, Агенцијата доставила вкупно шест седмични известувања до Државната изборна комисија. Дополнително, на 18 март, до сите национални комерцијални телевизиски сервиси и МРТ, е испратен допис во кој биле известени за промената на обврската од Изборниот законик согласно која за изборите треба да известуваат и преку програми пристапни за лицата со попреченост.

Трајчевски соопшти дека во првиот квартал, Советот на Агенцијата, заради констатирани непочитувања на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донел две јавни опомени, едната за „Метрополис радио“ заради непочитување на правилата за употреба на јазикот во програмата, а другата за „МРТ 2“ заради неисполнување на обврската за дневно емитување најмалку 40 проценти програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела.

За операторите на јавна електронска комуникациска мрежа донесени се три решенија за јавно опоменување и за исклучување на реемитувањето на програмскиот сервис поради реемитување програмски сервиси кои не се регистрирани во Агенцијата.

Трајчевски информираше дека во првиот квартал донесени се и две одлуки за промена на сопственичката структура за телевизиите „24 Вести“ и „Клан Мацедониа“. Во сопственичката структура на ТВ 24 Вести, на местото на правното лице Цабле 24 од Австрија пристапи правното лице – Комнет 328 од Србија, додека кај ТВ Клан Мацедониа, нов сопственик со 100 проценти удел во сопственоста беше одобрено да биде странско физичко лице од Косово.

Исто така, издадени се вкупно 89 потврди за регистрација на програмски пакети, откако  било констатирано дека доставените пријави се комплетни и уредни. До имателите на права, пак, се доставени три известувања врз основа на извршен програмски надзор каде Агенцијата утврдила дека оператори на јавна електронска комуникациска мрежа бесправно реемитуваат програмски сервиси кои не се регистрирани во Агенцијата.

До Агенцијата биле поднесени две барања за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радио емитување на програмски сервис кој ќе се емитува преку ограничен ресурс – радиофреквенција на локално ниво, за подрачјата на  Битола и на Тетово, но постапките биле стопирани поради изборите. 

Согласно Годишниот план за вршење програмски надзор, во текот на првиот квартал, врз операторите на јавни електронски комуникациски мрежи биле спроведени 53 надзори, од кои 50 редовни и три контролни надзори. При редовните надзори прекршувања се констатирани кај операторите Инфел, Мултимедија Нетворк Л и Теленет Ком, во однос на обврските за регистрација на програмски сервиси во Агенцијата, поради што им е изречена мерка јавна опомена. Контролните надзори врз операторите покажале дека постапиле во целост по упатените решенија.

Јанвниот состанок на АВМУ продолжува со презентација на наодите од Истражувањето за начинот на известување за родово заснованото насилство на националните телевизии во 2023 година. лв/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан