• петок, 05 декември 2025

Дебата: Штетните политички наративи ја поткопуваат довербата во институциите и поттикнуваат поделби

Дебата: Штетните политички наративи ја поткопуваат довербата во институциите и поттикнуваат поделби

Скопје, 21 јули 2025 (МИА) – Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази е еден од заклучоците од денешната презентација на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието.

Станува збор за наоди од деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на ТВ и во онлајн медиумите. „Поткопување на недовербата во институциите', „пристрасно селектирање на факти“, „лични напади и демонизација“ и „поттикнување поделби“ се четири најзастапени штетни наративи од 16-те кои се забележани во ова истражување спроведено од Институтот за комуникациски студии (ИКС)

Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во воведот истакна дека одговорноста е поголема кај политичарите кои спротивставените ставови треба да ги бранат со аргументи, а не со говор на омраза.

-Добро е да се разговара, сметам дека има определени центри и индивидуалци кои го спуштаат долниот праг на пристојната комуникација. Секој пратеник, министер има право да избере на кој начин ќе ја води политичката комуникација, но долните граници треба да се почитуваат, истакна Пренџов.

Според Бојан Георгиевски од истражувачкиот тим,  новото во оваа тема е што овие наративи сега, за разлика од порано, се шират побрзо, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми, и се потешко се препознаваат – како за граѓаните, така и за институциите.

-Овие наративи не се безопасни. Според бројни психолошки студии тие можат да предизвикаат апатија, избегнување на вести, лутина, омраза и секако замаглување на рационалната проценка кај граѓаните, а токму рационалната проценка ни е најпотребна кога одлучуваме за иднината преку изборите, истакна Георгиевски.

Според потпретседателката на Собранието Весна Бендевска кога станува збор за штетните наративи сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.

-Штетните наративи кои постојат во политичката комуникација низ годините ги гледам како Гордиев јазол. Мене ме фрапираа резултатите зашто не знам дали сме свесни што предизвикуваме со нашите говори кога ќе излеземе на говорница, а медиумите како трансмитери тоа го пренесуваат. Ако не седнеме да разговараме како да ги спречиме штетните наративи, ништо не сме направиле. Мора да се вклучиме во спречување на говорот на омраза, порача Бендевска

-Јас кога прв пат се соочив со резултатите од ова Истражување бев фрапирана пред самата себе затоа што не верувам било кој од нас активните политичари сме свесни од моментот од кога ќе се подготвиме за да дебатираме на говорница, не сме свесни што предизвикуваме во јавност, истакна Бендевска.   

Пратеникот Реџеп Исмаил од Левица рече дека не се согласува со наводите во истражувањето, кое според него, поставува невозможна мисија. Реториката која се употребува, според него, ја одразува реалноста и, вели, не може, ниту пак треба да се преземат чекори за намалување на штетните наративи.

Според Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ истражувањето е одлична основа за пратениците да направат самоанализа во делот како поквалитетно можат да придонесат во градењето на перцепцијата за Собранието.

Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, во пресрет на локалните избори на есен. бк/вг/

фото: МИА

Остани поврзан