• четврток, 18 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Дебата на НКЕУ-МК: Да се формира Единица за вредност на парите и да се зајакнат капацитетите и транспарентноста во јавното трошење

Дебата на НКЕУ-МК: Да се формира Единица за вредност на парите и да се зајакнат капацитетите и транспарентноста во јавното трошење

Скопје, 17 јули 2025 (МИА) - Неопходно е воспоставување посебна институционална единица за вредност на парите („Value for Money“ единица) за проценка на вредноста на јавните трошења во рамки на Министерството за финансии, која систематски ќе ги проценува големите јавни инвестиции и ќе има мандат да врши редовни детални прегледи на трошењата и проценки на сите капитални инвестиции. Воспоставување редовни и систематски прегледи на јавните трошења во секторите од висок приоритет како што се здравство, образование, инфраструктура и социјална заштита. Треба да се воспостави систем на вработување заснован на заслуги во клучните одделенија за јавни инвестиции. Се предлага и воспоставување програма за враќање и работно ангажирање на младите кадри кои студирале во странство со државна стипендија на најдобрите 500 универзитети во светот. Ова се дел од препораките кои произлегоа на сесијата на Работната група 6 - Антикорупција, на Националната конвенција на ЕУ, на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “

Драган Тилев, советник на министерот за европски прашања, истакна дека кога зборуваме за евроинтеграции, важно е јакнење на капацитетите, а политичкиот капацитет е број еден.

-Под политички капацитети тргнувам од оние кои се градат во самите политички партии, дали политичките партии имаат изградено кадровски политики да можат да го преземат управувањето со институциите, особено во поглед на разбирањето на функционирањето на европските институции, со цел да не правиме грешки, бидејќи тие грешки некојпат скапо не чинат, рече Тилев.

Во поглед на административни капацитети, додаде тој, компетентноста и професионалноста не се случува преку ноќ, таа се гради низ образовниот систем, се гради низ самите институции со стекнување практично искуство во извршување на своите функции потребен е континуитет, бидејќи тој секогаш игра клучна улога за водење на политиките.

-Капацитетите ги градиме за да ги започнеме пристапните преговори, потоа истите и да ги спроведеме и да ги доведеме до крајна цел - полноправно членство тоа значи градиме политички и административни капацитети кои треба да обезбедат брза интеграција или брзи преговори. Тоа значи дека чекорите можат да се поминат во пет, шест години, како што направи Хрватска, а можат да го прават по 10, 12 години. Ние како земја имаме пристап да учествуваме во околу 350 комитети кои функционираат во рамки на ЕК. Потоа има преку 150 тела во Советот на ЕУ каде што ние не можеме да учествуваме се додека не станеме членка на ЕУ, но мора да ги следиме нивните дебати, нови закони, нови политики и тоа еден процес на учење и барме да бидеме брифирани за сите поголеми процеси, рече тој.

Појасни дека капацитетите се битни во користењето на јавните пари на средства од ЕУ, меѓутоа и билатералната помош и буџетот, со апсорпциската моќ, за да ги користите тие средства што се на располагање, да ги управувате проектите и на крајот да ги завршите.

-Сите инвестиции што се прават во процесот на евроинтеграција, 90 отсто се плаќаат од националниот буџет. Ако некој има илузија дека средствата ќе дојдат од страна, и дека тие средства ќе го поттикнат нашиот развој, да тие се средства можат да го поттикнат нашиот развој, доколку се искористат правилно и доколку се вложат во вистинските приоритетни проекти, но над 90 отсто од сите тие инвестиции се од нашите даноци, од нашиот национален буџет, истакна Тилев.

Потсети дека со Планот за раст и Реформската агенда, врз основа на чија имплементација можеме да вбризгаме дополнителни 250 милиони годишно доколу ги спроведеме реформите и доколку имаме подготвено инфрасруктурни, зрели проекти, за да може да ги апсорбираме тие средства.

-Ако ги ставиме на купче тие 250 до 300 милиони евра од буџетот и 250 милиони од Реформската агенда, тоа веќе е сериозен износ на средства, кои навистина може да го забрза развојот, и навистина може да направи разлика во релативно краток временски период. Ако немате инфраструктурни проекти, парите од Реформската агенда едноставно ќе ги изгубите, тоа е слабата точка во целата оваа конструкција. Со други зборови пари има и имало, но мора тие пари кои се на располагање да ги искористиме, за да не ни пропаѓаат, потенцира Тилев.

Адам Марек, словачки експерт за јавни финансии и директор на Одделението за здравство и социјални расходи при словачкото Министерство за финансии, посочи дека во неговата земја има специјална т.н Единица која прави анализи за вредноста на парите.

Тој истакна дека целта треба да биде јавните трошења да станат потранспарентни не само за нив како инситутции, туку и за јавноста и за медиумите.

-Во однос на јавните трошења треба да има приоретизација на трошењата во транспортот. Ми се чини дека овде се соочувате со исти проблеми како и во Словачка, и има еден голем список на инфраструктурни проекти што треба да се завршат, и имајќи предвид дека овие проекти бараат повеќе време, бидејќи се менуваат приоритетите на финансирање, рече тој, додавајќи јавното трошење треба да биде потранспарентно .

Додаде во Словачка постои мислење дека јавното здравство е одлично но треба повеќе пари, како за лекарите така и за медицинските сестри, кои се во недостиг во земјата, и оти е неопходно фокусот да се стави на областите кои носат најголеми придобивки.

-Треба да се лоцираат областите на неразумно трошење на јавни финансии, кои се причините за тоа, исто така правиме проценки на инвестициите во поголемите инфраструктирни проекти. Потребно е силно политичко водство, заложба и волја, ова не е политичка работа но е тесно поврзана со политиката и мора да има заложба, конкретно од министерот за финансии да се поддржи ваквата работа, оцени словачкиот експерт. 

На сесијата се обрати и амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркуш, кој сподели и искуства на Словачка во процесот на евроинтеграциите во поглед на подобрување на отчетноста и зголемување на ефикасноста во јавниот сектор.

Тој посочи дека при стапувањето на функцијата амбасадор во земјава сметал дека набрзо ќе станеме членка на ЕУ.

-Важно е да не се предавате, неопходно е да се продолжи работата на реформите, рече амбасадорот, кој е во заминување, посочувајќи дека НКЕУ-МК е носител на евроинтегративните процеси во земјава.

Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет при УКИМ, рече дека и кај нас е потребно да има единица која ќе прави анализи за вредноста на парите. Предизвик, според него, е како да се создаде капацитет.

-Сведоци сме дека тешко се привлекуваат квалитетни луѓе да работат во администрација, но ако државата има цел да оствари нешто, тоа може тогаш да биде остварено ако се стави како приоритет. Во земјава мора да настојуваме работата на луѓето во администрација да биде достоинствена професија и да се намали впечатокот во јавноста за јавната администрација, рече Тевдовски, посочувајќи дека неговото искуство додека работел во администрацијата е дека луѓето таму сакаат да бидат вреднувани и почитувани.

Милева Ѓуровска истакна дека досегашните анализи на реформските процеси од перспективата на оваа работна група го потенцираат значењето на транспарентноста во управувањето со јавните финансии, улогата на дигитализација и вештачка интелигенција како ефикасна алатка за намалување на корупцијата, водење на системска евиденција и отворени податоци за општествениот капитал, засилена одговорност и интегритет на институциите, носење одлуки и реформи базирани на податоци, како и обезбедување на континуитет и мотивација на човечките ресурси во јавната администрација.

-Кога зборуваме за пристапниот процес, неопходно е да истакнеме дека во изминатите 20 години во статусот на земја – кандидат за членство во ЕУ се направија значајни чекори – пред сè во напорите за усогласување на националното со европското законодавство.  Сепак, овој процес на нормативно усогласување често се одвива побрзо отколку што тоа го дозволуваат реалните капацитети за практична примена. Тоа придонесе до актуелност на проблемите со имплементацијата, кои се редовно евидентирани во извештаите на Европската комисија, но уште поважно – тие се чувствуваат и во секојдневниот живот на граѓаните, истакна Ѓуровска.

Таа потенцира дека за квалитетот на реформите не се одговорни само институциите, туку тие се заеднички процес на сите чинители, односно на сите граѓани. 

Дебатата на сесијата беше фокусиран на суштински прашања како да се зајакнат административните капацитети за систематско планирање на јавните расходи и како да се подобри реализацијата на јавните инвестиции, при што претседателот на Финансискиот совет, Глигор Бишев, рече дека се потребни суштински реформи, иако тоа претставува долг и болен процес.

-Без ефикасна држава нема образована работна сила, нема вештини, нема иновации. Потребна е инфраструктура и ефикасност. Државите што ќе успеат да го испорачаат ова добиваат просперитет и пристап кон интегративниот процес, бидејќи овој концепт ЕУ никогаш не го напушти, нагласи Бишев.

Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска банка, како виш економист за земјите од Западен Балкан и економист за Северна Македонија рече дека ни се потребни алатки преку кои ќе се следат трошоците на Владата во тековните проекти што води кон реприоритеризација на трошоците. Таа потенцираше дека треба да се зголеми капацитетот за аналитика во владините институции и предложи шема како би требало да се екипира Министерството за финансии.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, рече дека дефинитивно треба да се укинат непродуктивните трошоци. Таа го истакна процесот на следење резултати кој бара отчетност на функционерите и ги наведе препораките што ги дава ДКСК и државната ревизијата што укажува на слабите точки во системот. нд/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан