• понеделник, 23 декември 2024

Дебар стана 12-та општина која доби канцеларија за дијаспора

Дебар стана 12-та општина која доби канцеларија за дијаспора
Дебар, 11 ноември 2022 (МИА) – Во Дебар денеска беше потпишан договор за соработка меѓу локалната власт и министерoт задолжен за дијаспора, за отворање канцеларија за дијаспората, со што стана 12-та општина која потпишува ваков договор од планираните 23 општини. Договорот го потпишаа министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи и градоначалник Хекуран Дука. - Ова е многу значаен чин за нашата општина, која како како што е познато е печалбарска општина, со многубројна дијаспора во САД и земјите на Европската унија. Со последниот попис Општина Дебар брои 15 илјади жители, а уште еден цел Дебар има во САД и повеќе илјади наши граѓани во европските земји. Тие имаат свои асоциации со кои имаме многу добра соработка, но сега соработката ќе биде покоординирана, во интерес на нашинците низ светот, како и за нас како општина, рече Дука. Додаде дека канцеларијата ќе функцонира во зградата на општината и сите иселеници ќе имаат можност да добиваат подобра врска со државните институции и можност за полесно и побрзо остварување на одредени права за кои имаат потреба. Министерот Чупи, најпрво искажа посебно задоволство што за ваква кацеларија официјално е потпишан договор со Дебар, неговото родно место и додаде дека сите информации за правата и поволностите на нашинците во дијаспората, ќе ги поедноставува бирократските процедури, но и ќе се мапира дијаспората со сите здруженија. - Потребата за постоење вакви канцеларии, како идеја беше иницирана токму во нашиот град и еве таа веќе се реализира, со што нашата дијаспора знае дека некој се грижи за нив, нивните проблеми и грижи. Ќе има лице задолжено за овие прашања кое ќе изврши мапирање и евидентирање и на сите здруженија на нашинците во дијаспората со посебен акцент на економската и научната дијаспора, културата и збратимување на општини од нашата држава со општини каде концентрацијата на нашинците е поголема, рече меѓу другото Чупи. Спомна три значајни елементи на овој проект, а тоа се определено место каде ќе добиваат потребна информација каде и да живеат, потоа посредување во надминување на одредени проблеми со кои се соочуваат, како од областа на здравсственото, пензиско и инвалидско осигурување и слично, а во соработка со Министерството за информатичко општество нивен претставник ќе дава асистенција преку електронски услуги. Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора предлогот за отварање канцеларии го достави до сите општини во државата, при што 23 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа го прифатија. а договори имаат потпшано 12 општини. вт/вг/

Остани поврзан