• петок, 05 декември 2025

Дебарско Езеро ова лето без спасувачи на вода

Дебарско Езеро ова лето без спасувачи на вода

Дебар, 27 јуни 2025 (МИА) - Ова лето, градската плажа на брегот на Дебарско Езеро ќе биде без спасувачи на вода, кои во изминатите лета дадоа голем придонес во безбедноста на капачите.

-За жал, за разлика од изминатите години, градската плажа, каде има секојдневно со стотици капачи, годинава ќе остане без спасители на вода. Тоа пред сè поради недостиг на финансии, што не ни дозволува годинава да го надгледуваме езерото, кои имаат исклучително важна улога за безбедноста на посетителите на плажата, потврди за МИА, Исни Телќиу, секретар на дебарската организација на Црвениот крст.

Секако, додава, треба да се спомне и фактот на се помалата заинтересираност на младите да се обучуваат за спасители, а веќе обучените за подобра егзистенција заминаа во странство.

-На градската плажа, каде концентрацијата на капачи е најголема, од 2017 година имавме тим од петмина спасувачи на вода. Првите неколку години трошоците ги намируваше татковинското друштво „Дибра“ на нашинците во САД, додека потоа тоа го направи локалната власт. Едно лето имавме двајца спасувачи на вода, кои изразија желба и подготвеност и тоа го направија на доброволна основа, нагласува Телќиу.

Високите температури условија сезоната на капење и рекреација на Дебарско Езеро да почна порано од вообичаеното. На неколку места долж брегот на езерото секојдневно има посетители, но нивниот број е најголем на градската плажа, кои за време на викендот ги има и повеќе стотици.

Но, периодот кој следува, кога се очекува во општината да допатуваат печалбарите и нивните семејства, оние кои потекнуваат од Дебар а живеат во други градови, пред сè во Скопје, како и изминатите години, нивниот број ќе биде многу поголем. вт/свс

Фото: МИА архива 

Остани поврзан