• понеделник, 23 декември 2024

Дводневна меѓународна конференција за човечки ресурси

Дводневна меѓународна конференција за човечки ресурси
Скопје, 19 октомври 2022 (МИА) - Македонската асоцијација за човечки ресурси (МAЧР) денеска и утре ќе ја организира својата годишна 14. Меѓународна конференција за човечки ресурси, која ќе вклучи и HR Expo 2022 (во живо и онлајн). Конференцијата е насловена „HResilience: Nudging Businesses Towards Future!" и ќе ги отвори прашањата какви промени се потребни и дали професионалците за човечки ресурси се подготвени и компетентни да ги водат промените во организациите. - По KОВИД-19 кризата повеќе организации веќе презедоа многу промени, отпуштања и одредени притисоци што резултираа со внатрешен отпор. Тоа создава средина на немир и напнатост. Имајќи предвид дека промената е единствената константа во денешното работно опкружување, на нашата конференција имаме намера да дадеме увид во идните трендови и да претставиме различни добри практики кои можат да се сфатат како поттик, но и како пример за следните чекори и промени во организациите, соопшти МАЧР. Меѓународни и домашни говорници на конференцијата ќе се осврнат на најновите предизвици и ќе дискутираат за теми, како што се отпорноста на бизнисите и организациите во многу нестабилно глобално опкружување и справување со брзината на технолошкиот развој. Учесниците говорници ќе ги споделат своите лични искуства во областа на лидерството, менаџментот и човечките ресурси и ќе презентираат специјализирани знаења, иновативни идеи, практични и проверени решенија, како и препораки кои менаџерите и професионалците може да ги применат во своите организации. Утре, на вториот ден од конференцијата, ќе биде организирана тркалезна маса, на која ќе учествуваат претставници од националните асоцијации за човечки ресурси во регионот на Јужна и Југоисточна Европа. Исто така, утре ќе бидат организирани и различни работилници од искусни домашни и странски експерти и професионалци, на кои учесниците ќе имаат можност да се стекнат со компетенции од областа на човечките ресурси. хс/сп/

Остани поврзан