• недела, 22 декември 2024

Два научни собира во Прилеп и работилница на манастирот Трескавец

Два научни собира во Прилеп и работилница на манастирот Трескавец
Прилеп, 26 мај 2022 (МИА) - Два научни собира и работилница на манастирот Трескавец организира деновиве Институтот за старословенска култура од Прилеп. Дваесетина научници од земјава денеска ќе говорат на тема „Методологија на научноистражувачката работа користена при истражувањето на културното наследство во нашава држава“, а утре е научниот собир кој ќе ја третира темата на „Сеопфатна заштита на материјалното културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“. В сабота, во манастирот Трескавец ќе се одржи работилница за проблемите со кои се соочуваат истражувачите при заштитата на културното наследство. Како што објасни вчера на прес-конференцијата Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура кој е организатор на научните собири поддржани од Министерствата за образование и наука и за култура, како археолошко и културно наследство, манастирот е вистински пример за истражувачите. - Научните сознанија се исклучени или минимално се користени при постапките на стручната заштита, конзервацијата и ревитализацијата на културните добра и сметаме дека како научна институција мора да ги апострофираме научните сознанија. Имаме евидентни пропусти во правната, законската заштита на културното наследство, а недостасува и соодветна финансиска поддршка на научно-истражувачката работа. Работилницата на манастирот Трескавец е повеќе тркалезна маса на која сите чинители ќе може да ги истакнат сите проблеми, аспекти и конструктивни приоди за решавањето на проблемите. Тие може соодветно да се илустрираат на културниот комплекс Трескавец, изјави Ристески. На двата научни собира ќе учетвуваат преку 30 еминентни научници од земјава. ем/мс/

Остани поврзан