• четврток, 07 ноември 2024

Дванаесет стихозбирки во поширокиот избор за наградата „Антево Перо“ за 2024

Дванаесет стихозбирки во поширокиот избор за наградата „Антево Перо“ за 2024

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - На Конкурсот за седмото доделување на наградата „Антево перо“, за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик што го распишува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, пристигнале 75 поетски збирки, од кои во потесниот избор се влезени 12.

Од Здружението како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“, изразуваат благодарност до сите учесници на Конкурсот и до сите медиуми кои со објавите придонеле за поголема популаризација на Конкурсот, како и до здруженијата и клубовите во кои членуваат македонските поети во земјата и дијаспората, за споделувањето на најважните информации за освојување на престижната поетска награда „Антево перо“ на нивните веб-страници.

-Како резултат на овие активности, на Конкурсот пристигнаа 75 поетски збирки кои имаат разноликост, креативност и особена автентичност и
уникатност во поетскиот израз од автори од Северна Македонија, Италија, Австралија, Србија, Германија, Грција и Канада. Она што е особено значајна придобивка и на што сме многу горди и среќни е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски оваа година беа провокација учество да земат и автори од албанската, ромската и другите етнички заедници што е за поздравување, наведуваат од Здружението.

Жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), во изминатиот период темелно ги разгледуваше и анализираше пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, жирикомисијата издвои 12 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Тони Попов – „Ми се чини дека некаде слушнав дете“, Борче Грозданов – „Акростихови“, Шифра: И камен и цвет – „На каменот“, Пепи Стамков – „Собрани остатоци од светот“, Ирена Бабамова Стојчева – „Сивка: геометрија на болката“, Сашо Димоски – „Музеј на заборавот“, Елизабета Тодороска – „Збирка“, Даниела Андоновска Трајковска – „Царски рез на небото“, Шифра: Цреша – „Скршена тишина“, Шифра: Суштина – Анатомија на скриената болка“, Агрон Усеини - „Каде што се раѓаат сенките“ и Емилија Матаничкова – „Парченца Македоноверзум“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

Како и минатите години и оваа година жири-комисијата, се посочува, со особено задоволство го проследла учеството на младите автори, кои со своите поетски квалитети создале мошне силна и голема конкуренција. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвоила 11 збирки поезија и тоа: Бунјамил Мефаил – „Бодликави мисли“, Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Емануела Ковачевска Китановска – „Преписки“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“, Матеја Талеска – „Патот на соништата“, Марија Филоска – „Зад пердето на јазикот“, Дарио Постоловски – „Заемно проникнување“, Евгенија Узунова – „Потрага“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

Се очекува на следниот состанок, Жири комисијата да го стесни изборот за наградите за што ќе следи ново соопштение. вг/дма/

Фото:  Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“

Остани поврзан