• недела, 22 декември 2024

Дваесет и четри години од создавањето на НП „Преспа“, злоупотреба на фондовите, објави „Корча репорт“

Дваесет и четри години од создавањето на НП „Преспа“, злоупотреба на фондовите, објави „Корча репорт“

Дебар, 6 февруари 2024 (МИА) - Албанскиот портал „Корча репорт“ пишува за 24-годишнината од прогласувањето на Преспа за  национален парк,  како и за злоупотребите на средствата кои се потрошени  од создавањето на паркот од 2000 година до денес.

Во написот под наслов „Таму каде што само се краде, не може да има просперитет, Преспа полошо од пред 24 години“ потсетува дека Пустец, како една од најубавите туристички области, во 2000 година била  прогласена за Национален парк.

-Во овие 24 години никој не негира дека во оваа област се инвестирани десетици и десетици милиони евра од фондови на ЕУ и странски донатори, главно германски. Како што и претходно е реагирано, овој проток на средства заврши како река проголтана од пустина во името на Националниот парк „Преспа“, констатира „Корча репорт“, пренесува весникот „Македониум“.

Се додава дека „секој покажува со прст некаде“, но, без да се преземе никаква одговорност. 

За порталот, лице кое сака да остане анонимно,  изјавило дека десетина семејства се оние „кои се опариле од големите инвестиции во областа Преспа“.

-Може да се каже природно богатство, но тотална употреба за збогатување на крадците и арамиите, а не за подигање на потребното ниво на туризам и државни инвестициски критериуми, реагира друг.

Туристичкиот оператор од овој крај, Кичо Аго тоа отворено го кажува.

- Како туристички оператор при создавањето на Националниот парк не добив ниту една стотинка. Наместо да се развива туризмот, не знам каде отидоа овие пари. Имам реагирано, но ништо не е направено. Некои наводно имаат искористено за се и сешто, но инвестицијата не е видлива, обвинува Аго.

Порталот на крај наведува дека и покрај овој проблем што го пријавуваат оние луѓе кои реално ги доживуваат состојбите и туризмот во Преспа, деновиве е одбележана 24-годишнината од создавањето на Националниот парк „Преспа“, без да се каже што е направено.

-За злоупотребата на фондовите во Националниот парк „Преспа“ пред три години во албанското Собрание,  лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, тогашен пратеник, Васил Стерјовски имаше интерпелација со министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, но и по тоа ништо,  наведува „Македониум“. вт/мд/

Фото: МИА архива и „Македониум“

Остани поврзан