Дисоска за МИА: Да се искоренат наметнатите предрасуди и да охрабрат жените да се борат за своите позиции
- „Жените не можат да водат бизнис“ е една од многуте предрасуди со кои се соочуваат жените во денешно време кога се одлучуваат да се занимаваат со професии поразлични од оние кои се прифаќаат како „женски професии“ како медицински сестри, шивачки, наставнички, продавачки. Иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите за што говорат податоците дека е помал процентот на жени на раководни функции, а различно се вреднува и трудот меѓу мажите и жените за исто работно место.

Скопје, 8 март 2025 (МИА) - „Жените не можат да водат бизнис“ е една од многуте предрасуди со кои се соочуваат жените во денешно време кога се одлучуваат да се занимаваат со професии поразлични од оние кои се прифаќаат како „женски професии“ како медицински сестри, шивачки, наставнички, продавачки. Иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите за што говорат податоците дека е помал процентот на жени на раководни функции, а различно се вреднува и трудот меѓу мажите и жените за исто работно место.
Со ваква предрасуда во текот не нејзиното работење се соочила и нашата соговорничка претседателката на Здружението на бизнис жени во Македонија, Валентина Дисоска, која е сопственик и менаџер на компанија која работи во областа на консалтингот и развојот на софтвер, мултимедија, маркетинг, онлајн продажба и пристап до финансии.
Да се искоренат наметнатите предрасуди и да се охрабрат жените за борба за секакви позиции
Дисоска за МИА вели дека жените секојдневно се соочуваат со многу предрасуди, но дека треба да се охрабрат и да се борат за своите позиции.
- Има многу предрасуди, секојдневно. Меѓутоа, најчесто се предрасудите од оние кои доаѓаат од менталитетот. Најчести се оние – „Жените сме за куќа и за во кујна, за семејството“ меѓутоа „не знаеме да работиме бизнис“. Да, ние сакаме и семејство, сакаме да имаме пристоен живот, меѓутоа стекнатите предрасуди дека не можеме да бидеме на водечки позиции во политиката на пример, е нешто кое што ни е наметнато и затоа сметам дека токму тие предрасуди треба да ги искорениме, треба да работиме на нив и треба да ги окуражиме (охрабриме) жените да почнат да ги бараат своите позиции за на крај да покажеме дека сите тие предрасуди во принцип се бесмислени, вели Дисоска.
И по повеќе од 30 години од осамостојувањето на државата, Дисоска смета дека нема напредок на ова поле, дури, како што потенцира, одиме назад.
- Некако каскаме или можеме да кажеме дека дури одиме наназад во минатите неколку години. Жените и политиката – една тема на која што треба да се работи и тоа е еден реверзибилен процес. Јас стриктно верувам дека треба да работиме многу јако и многу зајакнато на таа тема, бидејќи ако говориме за минатите 30 и курсур години од осамостојувањето на државата имаме подеми и падови. Тие подеми се должат на тоа дека многу се работеше на таа тема и дека имаше многу едукација, многу проекти и работа со жените за да можат воопшто да размислуваат и да влезат во политичките води. Мислам дека во последниве години нема толку многу работа со жените, барем не е толку многу видливо и она што можеме да го кажеме од работата на терен и од она што го знаеме во политичките сфери е дека се помалку жени имаме на тие позиции. Еве сега се ближат градоначалничките избори, па да видиме што ќе сработиме и колку жени ќе имаме на градоначалнички места. И тие, исто така се во општествената сфера, вели таа.
Се уште има разлика во платите меѓу мажите и жените
Глобално, во целиот свет женскиот труд е помалку платен. Во светски размери, разликата во платите меѓу мажите и жените изнесува 20 отсто, според податоците од Светската организација на работодавачи. И кај нас, како што нагласува Дисоска, се уште постои разлика во платите меѓу мажите и жените, иако работат иста работа.
- Она што ние го имаме како податок, во нашата држава е 17, 2 отсто разликата во платите меѓу мажите и жените за иста работна позиција, за исто остварување и за иста работа, вели Дисоска.
Потенцира дека и на менаџерски позиции, мал е бројот на жени, а најмногу ги има во финансикиот сектор.
- Статистички податоци за тоа колку жени има на менаџерски позиции, за жал ги немаме, меѓутоа она со коешто ние располагаме е дека имаме жени на менаџерски позиции отприлика 12-13 отсто и тука би рекла дека најмногу се во финансискиот сектор. И ако ги броиме и жените на позиции како директорки на училишта и на градинки кои се во државната или јавната администрација, можеме да кажеме дека вкупниот број е 13 отсто. Меѓутоа, во приватниот сектор, особено во големите корпорации, многу мал е бројот на жени кои се на менаџерски позиции и за жал дури и не оди нагоре, вели таа.
Дискоска нагласува дека иако жените се подобро едуцирани, процентуално повеќе жени има со магистерски знања и докторати, сепак не се валоризира нивниот труд и не може да се каже дека напредуваат во кариерата.
ДЗС: Жените се значително помалку активни на пазарот на труд
Во Северна Македонија, според податоците објавени на официјалната Фејсбук страница на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, во вкупниот број на вработени лица од 15 до 64 години повеќе се застапени мажите (57,2 проценти) во споредба со жените (42,7 проценти). Жените се најзастапени како медицински сестри, шивачки, сметководители, наставнички, економисти, продавачки и правни застапници. Генерално, помалку застапени се на работни позиции како келнер, сообраќаен полицаец и други сектори.
Жените исто така се значително помалку активни на пазарот на труд. Стапката на вработеност на жените во Северна Македонија во 2024 година изнесувала 50,3 проценти во споредба со стапката на активно учество на мажите на пазарот на труд која изнесувала 66,4 проценти.
Податоците содржани во публикацијата „Жените и мажите“ на Државниот завод за статистика објавена во 2023 година покажуваат дека жените се речиси четири пати помалку застапени од мажите наводечки позиции во компаниите во земјава.
Фатиме Фазљији
Видео: Аслан Вишко
Фото: Фросина Насковиќ