• петок, 05 декември 2025

Да ги искористиме сите можни форми на билатерална соработка, повика претседателот на хрватскиот Сабор

Да ги искористиме сите можни форми на билатерална соработка, повика претседателот на хрватскиот Сабор

Скопје, 6 март 2025 (МИА) – Пријателството меѓу Хрватска и  Македонија е многу силно и тоа го чувствувам на секој чекор. Тоа трае многу подолго од 33 години кога беа воспоставени нашите дипломатските односи. Нѐ врзува заедничка историја, почитување и искрена симпатија, а дополнителен мост на пријателството се македонското малцинство во Хрватска и Хрватите во вашата татковина, истакна претседателот на  Саборот на  Хрватска Гордан Јандроковиќ во обраќање во македонското Собрание.

Посочи дека имаме соработка во сообраќајот, прехранбената и хемиската индустрија, енергетиката и во ИКТ-секторот, како и во туризмот, при што спомна дека над 50 000 македонски туристи лани ја посетиле Хрватска и тој број, рече, постојано расте. Тоа што македонски граѓани одат на работа во Хрватска, како што рече, ја покажува позитивната економска размена.

-Нѐ поврзува и економската соработка и билатералната трговска соработка и размена којашто расте и надмина 320 милиони евра во 2023 година, а во 2024 беше уште повисока. Ние сакаме да ја зголемиме таа стопанска рамка ... и да се воспостават нови стопански иницијативи... Ве повикувам да ги искористиме сите можни форми на билатерална соработка, особено меѓу пратениците на нашите два парламента, како и меѓу нивните стручни служби, рече Јандроковиќ  

Претседателот на хрватскиот Сабор  во своето обраќање пред пратениците изрази надеж дека партнерство во НАТО ќе биде надградено и со нашето членство во Европската Унија.

Како што рече, на Република Хрватска и е многу важно што одлуката за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија била донесена за време на нивното претседавање со ЕУ, во март 2020 година.

-Тогаш вложивме многу дипломатски напори за да се оствари тоа. Но, за жал, и по пет години вашите преговори со Европската Унија се уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Го разбираме нетрпението на вашите жители. Република Хрватска високо ги цени сите ваши достигнувања и мисли дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на вашиот пат кон Европската Унија, рече Јандроковиќ.

Како што рече, и тие поминале многу напорен процес до членство во Унијата и „затоа од сопствено искуство ви велиме дека треба да истраете, од денешна перспектива тој пат и тие реформи навистина се исплатеа“.

-Денешното време е многу неизвесно, кога единството во ЕУ и во НАТО е пред голем предизвик. Потребно е активно да го следиме глобалното движење, да бидеме претпазливи и подготвени, да имаме стратегиско планирање, да работиме на засилувањето на капацитетите на нашата одбрана, да имаме правовремен и ефикасен   одговор на сите предизвици. Во овие турбулентни времиња, должни сме да направиме се за да ги заштитиме нашите граѓани, а нашите институции мора да бидат поотпорни, порача претседателот на хрватскиот Сабор. хс/ев/

Фото: МИА 

  

 

 

Остани поврзан