• вторник, 05 ноември 2024

Г-7 се обврза на поголема воена и финансиска помош за Украина

Г-7 се обврза на поголема воена и финансиска помош за Украина
Берлин, 27 јуни 2022 (МИА) – Лидерите на земјите-членки на Г-7 во заедничка изјава се обврзаа дека ќе „продолжат да пружаат воена, финансиска, хуманитарна и дипломатска помош“ на Украина „колку што ќе биде потребно“. На Самитот  што се одржува во Германија, Г-7 го потврди своето единство и согласност за зголемен притисок врз Русија поради војната во Украина, поради што, како што тврдат, цените на енергенсите и храната нагло пораснале во целиот свет. Поради тоа Г-7 денеска ја повика Русија да дозволи извоз на жито од Украина, за да се избегне дополнително влошување на кризата со храна. Од Русија исто така се бара „итно и безусловно да ги прекине нападите врз земјоделската и транспортната инфраструктура и да дозволи слободен премин на земјоделски производи од украинските пристаништа на Црното Море“. Во заедничката изјава на Г-7 се изразува „голема загриженост“ поради најавата руски ракети што можат да носат нуклеарни боеви глави ќе бидат распоредени во Белорусија. Исто така се бара ослободување на Украинците кои насилно се однесени во Русија. Германскиот канцелар Олаф Шолц на Твитер објави дека Г-7 ќе продолжи да врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин. Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не е време да се преговара со Русија и дека Украина прво треба да ги консолидира своите позиции. Тој повика на целосна поддршка за неговата земја за да може да се врати територијалниот интегритет. Претседателот на Франција, Емануел Макрон истакна дека за сè што се однесува на Украина ќе се решава заедно со Киев односно кога ќе почнат преговорите. ми/

Остани поврзан