Г.г. Стефан: Овој настан е правда за Охрид - словенскиот Ерусалим, процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија
- Г.г Стефан денеска потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останат
Белград, 5 јуни 2022 (МИА) - Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости да се напластува единството со сите православни цркви, порача денеска поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан во беседата по заедничката архиерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил со српскиот патријарх Порфириј, јави дописникот на МИА од Белград.
Српскиот патријарх Порфириј денеска му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Г.г Стефан денеска потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.
-Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го подржат и останатите сестрински парвославни цркви, а Вие ваша светост направивте чекор со историско значење, како за за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие, кажа архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА истакна дека со денешниот чин е потврдена реалноста за автокефалниот статус на возобневаната Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква.
-Еве и денес додадовте нова радост, радост над сите радости, зошто за она што донеодамна разговаравме и договаравме, за она што нашиот Синод побара, а вашиот Собор архиерејски еднодушно се согласи и прифати, за Вие, ваша светост, на светата литургија во Свети Климентовиот храм во Скопје и го обзнанивте, за сето тоа денес во пишаниот документ во томосот да потврдивте, дека веќе е реалност афтокефалниот статус на возобневаната Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква, истакна г.г. Стефан.
Тој дополни дека со ова не е само документ со кој се отвора нова страница на вековната Охридска црква, туку е документ со кој се потврдува историјата на таа древна црква,и сите нејзини времиња и невремиња.
Како што посочи сето ова што се случуваше изминативе 20 дена ќе бидат забележани како исклучителни настани кои што доведоа до нов тек на нашите меѓуцрковни односи, а со тоа и за односите со сите помесни православни цркви.
-Евхаристиското единство, благословено со актот на Вселенската патријаршија, а од Вас покажано на дело преку заедничкото сослужување, со што се потврди нашето меѓусебно единство, единство во верата, произлегува од единствениот извор на љубовта и од Светиот дух, порача тој, потецирајќи дека овој настан е правда за Охрид, градот на словенскиот Ерусалим.
На денешната архиерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград, служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ –ОА г.г. Стефан, со епископи од двете цркви.
-Денеска по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква - Охридската архиепископоија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува томос, изјави Порфириј по денешната литургија во Белград.
Во документот со кој Српската православна црква (СПЦ) и доделува автокефален статус на Македонската православна црква- Охридската архиепископија се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ како и на дијаспората.
Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, и дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви.
Порфириј порача дека црквата не може да биде оружје и дека не е оружје за постигнување други цели.
Тој нагласи и дека оваа одлука нема да влијае на другите канонски области на СПЦ, бидејќи, како што рече, условите во Северна Македонија се различни отколку во другите делови на СПЦ.
Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј. об/ац/