Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска со концерт во Софија
- Во рамки на претставувањето на музичкиот проект „Балканско патување“, гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, денеска ќе одржи концерт во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија.

Скопје, 27 март 2025 (МИА) - Во рамки на претставувањето на музичкиот проект „Балканско патување“, гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, денеска ќе одржи концерт во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија.
Како што е најавено, ќе настапат Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите се на Пламенка Трајковска.
„Балканско патување“ претставува музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет.
-Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција, вели Пламенка Трајковска.
Концертот е со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија.бт/мд/
Фото: Пламенка Трајковска