• петок, 05 декември 2025

Гувернерот на Калифорнија бара федерална забрана за вклучување војска во имиграциски апсења

Гувернерот на Калифорнија бара федерална забрана за вклучување војска во имиграциски апсења

Лос Анџелес, 11 јуни 2025 (МИА) - Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом поднесе итно барање до федерален суд за да ја спречи администрацијата на Доналд Трамп да користи припадници на Националната гарда и маринци за поддршка на имиграциските власти во Лос Анџелес.

Тој предупреди дека таквиот потег ќе го зголеми социјалниот притисок и ќе предизвика јавни нереди. Според него, одлуката на Трамп за распоредување на околу 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци претставува опасен преседан.

Првично испратени да обезбедуваат федерални згради, војниците сега асистираат и при апсења на имигранти. Фотографии објавени од Имиграциската и царинската служба (ICE) покажуваат припадници на гардата како го штитат персоналот за време на акции.

Според ICE, тие војници се задолжени за заштита на федерални објекти и службеници кои секојдневно ги спроведуваат имиграциските закони. Гардеристите можат привремено да задржат лица кои напаѓаат службеници, но само полицијата може да врши апсења.

Њусом изјави дека имиграциската политика на Трамп одамна ги надминала границите на апсење на криминалци, бидејќи меѓу уапсените има и перачи садови, градинари и шивачки.

„Калифорнија можеби е прва, но сигурно нема да биде последна“, предупреди Њусом, додавајќи дека операцијата на Трамп е директно нарушување на државната надлежност. ссм/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан