• недела, 22 декември 2024

Грчките власти се обидуваат да ги префрлат мигрантите од Лезбос во нов камп

Грчките власти се обидуваат да ги префрлат мигрантите од Лезбос во нов камп
Лезбос, 16 септември 2020 (МИА) – Грчките власти сè уште се обидуваат да преместат илјадници мигранти во привремен камп, една недела откако изгоре преполнетиот мигрантски камп Мориа, додека во исто време постоеше страв од појава на коронавирус на островот Лезбос. Повеќе од 12 000 луѓе, претежно бегалци од Авганистан, Африка и Сирија останаа без засолниште, соодветни санитарни услови и пристап до храна и вода поради пожарот во кој изгоре кампот Мориа, најголемиот грчки камп за мигранти кои преку морето стигнуваат до нејзините острови. Никој не е повреден во пожарот, што избувна по воведувањето карантински мерки откако беа откриени случаи на Ковид-19 во кампот. Досега само 1.200 лица се привремено преселени во објект во Кара Тепе во близина на пристаништето Митилена, во кој можат да се сместат најмалку 5.000 лица. - Тие сè уште не сакаат да се префрлат, изјави полициски службеник кој сакал да биде анонимен. - Во тек се преговори, додаде тој. Властите дистрибуираа летоци и испраќаат СМС пораки на мигрантите обидувајќи се да ги убедат да се преселат во нови шатори, соопштија официјални лица. Луѓето кои се преселиле во новиот објект биле тестирани на Ковид-19 и досега е утврдено дека 35 од нив се позитивни. Поради пожарот во Мориа вчера беа уапсени шест мигранти. јт/

Остани поврзан