• петок, 15 ноември 2024

Грција ќе ги отвори и салоните за маникир и педикир за да се спречи работа на црно

Грција ќе ги отвори и салоните за маникир и педикир за да се спречи работа на црно
Атина, 14 декември 2020 (МИА) – За спречување на појавите на работа на црно и посета на домови без да се почитуваат здравствените правила и превентивни мерки, во Грција утре се отвораат и салоните за маникир и педикир, јави дописничката на МИА од Атина. Новата мерка ја соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите кој објасни дека појавите на „работа на црно“ и заобиколување на здравствените  мерки во конкретната дејност „за жал се широко распространети, што се виде на социјалните мрежи за време на викендот“. Ова воедно е единствената нова воведена мерка, а нема никакви промени во рестрикциите, карантинот и полицискиот час што се во сила до 7 јануари, а ќе важат и за божиќните и новогодишните празници. -За Божиќ и Нова Година им препорачуваме на сите, овие празници да не бидат повод за собирања. Во секој случај не се дозволени собири на над девет лица од две семејства, а ќе важи и забраната за движење од 22 часот навечер до 5 часот наутро, истакна Пецас. Рече дека епидемиолошката слика во земјата и понатаму е тешка, а националниот здравствен систем се уште е под притисок и истакна дека „од прв момент, Владата како главен приоритет ја постави заштитата на јавното здравје и човечките животи“. ср/

Остани поврзан