• петок, 05 декември 2025

Грција реагира за одлуката на египетски суд да го затвори Синајскиот манастир Света Катерина

Грција реагира за одлуката на египетски суд да го затвори Синајскиот манастир Света Катерина

Атина, 29 мај 2025 (МИА) – Грчкиот министер за надворешни работи веднаш контактираше со министерот за надворешни работи на Египет и јасно стави до знаење дека нема никаков простор за отстапување од заедничкото разбирање на двете страни, кое го изразија лидерите на двете земји во рамките на неодамнешниот Висок совет за соработка, рече портпаролката на грчкото МНР, Лана Зохиу во однос на последните случувања во врска со манастирот Света Катерина на планината Синај, јави дописничката на МИА од Атина.

Реакцијата од портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција, доаѓа по новинарски прашање во врска со натписите во медиумите дека египетски суд донел одлука да го затвори најстариот функционален христијански манастир во светот односно да се конфискува имотот од државата и да се иселат монасите.

Зохиу посочи дека освен комуникацијата меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, официјална Атина очекува да ѝ биде испратена судската одлука.

- Владите на Грција и Египет во изминатиот период работеа на договор што ќе го гарантира светиот грчко-православен карактер на регионот. Во исчекување сме да ни биде испратена одлуката на египетскиот суд што беше издадена вчера, посочи Зохиу.

За конкретното прашање реагираше и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, кој рече дека „имотот на манастирот се запленува и конфискува, а овој духовен Светилник на православието и хеленизмот сега се соочува со прашањето за вистински опстанок“. 

- Недвосмислено го осудувам секој обид за промена на статутот, кој во конкретниот регион е во сила веќе 15 века и упатувам апел до одговорната грчка Влада и лично до премиерот Кирјакос Мицотакис веднаш да го преземат неопходното, за да се врати нормалниот и правниот ред и Светиот Манастир да не биде укинат, порача Јеронимос. ср/ми/

Фото:Архива МИА

Остани поврзан