• понеделник, 23 декември 2024

Груби - Која: Предлогот го отвора процесот за интеграција во ЕУ

Груби - Која: Предлогот го отвора процесот за интеграција во ЕУ
Скопје, 6 јули 2022 (МИА) - Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, на која главни теми беа предизвиците на интегративниот процес на Република Северна Македонија, содржината на предлогот на француското претседателство за решавање на спорот со Бугарија и протестите против овој предлог, информира Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Притоа Груби истакнал дека е исклучително важно да се деблокира интегративниот пат на земјата преку прифаќање на предлогот поддржан од 27-те земји на Европската Унија, а кој, како што рекол, не влијае врз идентитетот, културните, јазичните и историските обележја на македонскиот народ. Двајцата соговорници посочиле дека во овие клучни моменти за европската иднина на државата треба да се постапи рационално, да се искористи историската можност за решавање на последниот спор што ја кочи земјава од европската перспектива. Груби го информирал амбасадорот Која за транспарентниот процес на консултации за францускиот предлог и заедно констатираа потреба од оперативна компактност за сеопфатна посветеност на сите политички партии, академскиот свет, граѓанскиот сектор и сите граѓани за надминување на последниот предизвик на земјата. Време е, нагласил Груби, рационалноста да триумфира над субјективниот протагонизам за ниски политички поени. Во фокусот на разговорот на Груби и Која биле и реакциите предизвикани од објавувањето на содржината на предлогот. Притоа, Груби го осудил насилството употребено во организираните протести, опишувајќи ги како непотребни и штетни обиди за манипулација, создавање конфузија и дестабилизација на земјата. Според него, граѓаните не треба да станат плен на провокациите на одредени агенции за дезориентација, бидејќи загарантираната безбедност и напредок на државата имаат поддршка од целиот западен свет. сст/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан